Тодоров ќе го испитува корупцискиот скандал што го откри „Фокус“

by Fokus

Откако во „Фокус“ излезе текстот „Доктор од клиника побарал 4.000 евра за операција-момчето починало?“, со реакција веднаш се јавија од Министерството за здравство. Од таму тврдат дека ќе ги искористат сите механизми, кои им стојат на располагање и ќе ги информираат сите органи надлежни за кривичен прогон во врска со овој трагичен настан.

– Министерството за здравство изразува искрено сочувство до родителите на починатото момче за нивната голема загуба. Доколку веродостојноста на настанот биде утврдена во законска процедура од страна на надлежните органи, такво незаконско, непрофесионално и неетичко барање во секој, па и во овој случај, претставува удар за лекарската етика и ја нарушува меѓусебната доверба која треба да постои помеѓу здравствените работници и пациентите  – се наведува во соопштението од ресорното министерство.

Од таму тврдат дека, го осудуваат секој непримерен однос на лекарите кон пациентите, нагласувајќи дека истиот е крајно неприфатлив и ги охрабруваат сите оние кои ќе се соочат со било какви коруптивни барања од доктор, или било кој вработен во јавно здравство, веднаш да пријават кај надлежните органи.

– Министерството за здравство дејствува во насока на градење на јавен здравствен систем целосно ослободен од корупција и бескомпромисно, решително и без исклучок, презема мерки против секој вработен во здравство, без разлика дали е вработен на висока позиција во Министерството за здравство, на било која клиника, висока позиција во синдикатот или било кој здравствен работник. Како и секогаш, така и овојпат, Министерството ќе ги преземе сите неопходни мерки за целосно расветлување на настанот – се наведува во соопштението.

Поврзани новости