589
На 24. Генерално Собрание на Светскиот македонски конгрес (СМК) ќе се донесе одлука за формирање на Фондација за многудетни македонски семејства „Свети Никола“ чиј директор и управен одбор, по правило, ќе бидат Македонци и Македонки со три и повеќе деца, информираше денеска првиот човек на СМК, Тодор Петров. Утре со почеток во 10.30 часот, во големата сала на Музејот на македонската револуционерна борба во Скопје ќе се одржи 24. Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес.
„24. Генерално Собрание се очекува да донесе повеќе резолуции за: името на државата, правото на македонско државјанство за Македонците во светот, репатријацијата на Македонците во своите родни огништа и обновата на македонското село, семакедонското обединување на Македонците христијани и Македонците муслимани, геноцидот врз Македонците и окупацијата врз Македонија, правата на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913 година и Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, прогласување на Охрид за светски сеправославен центар, унапредувањето на положбата и правата на Македонците во соседните држави на Македонија, помирувањето и обединувањето на Македонците во Австралија, за Македонската Црква, реституцијата на македонското културно богатство“, се вели во соопштението испратено од Тодор Петров.