Тимоние за проширувањето на ЕУ: Да не и даваме дополнителни нозе на стоногалката, која веќе тешко се движи

by fokus

Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, зборувајќи за позицијата на Франција во процесот за проширување на ЕУ на денешната прес конференција, рече дека вратите на Европската Унија за Македонија не се затворени, дека европската перспектива останува, но дека треба да се направат уште многу работи во самата земја, но и да се реформира моделот за преговори во Унијата.

-Минатиот петок не се случи европска Хирошима, се случи пропратен инцидент кој предизвика сериозни последици овде, но тоа не значи крај на вашиот европски пат. Европската перспектива постои и ќе биде прецизирана следниве месеци – рече Тимоние.

Тој додаде дека е погрешно противењето на францускиот претседател, Емануел Макрон, на Самитот во Брисел во петокот да се толкува како француско вето.

-Не се одвиваа така работите во Брисел, имаше сложена дискусија, постоеја различни дискусии за Албанија и Северна Македонија, дали да се поврзат или не, жестоки разговори кои завршија со француско германски предлог, кој за жал не беше усвоен. Се отвори прашањето за нашето сопствено функционирање, што значи проширувањето на ЕУ, како ќе се направи и зошто. За да не се најдеме во ситуација да го правиме она што и секогаш сме го правеле, да не додаваме дополнителни нозе на стоногалката на која и е веќе тешко да се движи – рече Тимоние зборувајќи за проширувањето на ЕУ.

Тој посочи дека Македонија и Албанија треба да направат уште многу во поглед на реформите, особено во судскиот систем и во борбата против корупцијата. Во овој контекст го спомена Законот за јавно обвинителство и неподготвеноста на политичките партии да се договорат.

-Нерешавањето на статусот на СЈО предизвикува се уште отворени прашања. Отсуството на гернерален договор за една правна рамка за борба против корупцијата остава простор за прашања и за капацитетот на политичките партии да спроведат ефикасна борба на оваа тема. Да мислите дека сте држава која може да служи за пример, тоа го одржува моралот и е добро. Но дали може да имате држава пример во регион имајќи ги предвид сложените прашања, не знам – додаде Тимоние.

Тој продолжи во оваа насока дека регионот треба да работи на себе и да ги затвори прво отворените прашања.

-Стабилизацијата на политичкит живот во земјите од Запад Балкан не е нешто што е завршено, затоа треба да бидеме чувствителни. Процесот на проширување не е доволен сам за себе, ниту отворањето на поглавјата, пред да се стабилизираат историските прашања кои се стари и сложени. Да се отворат преговори тоа не значи само по себе решавање на сите сложени прашања. Перспективата на Макрон е да се работи на методологија, за да може регионот да си го најде своето место. Има голем континуитет во размислувањата на претседателот, за него европското прашање е од суштинско значење и тој врз база на тоа прашање беше и избран. Бидејќи изборот беше тој или Ле Пен – посочи францускиот амбасадор.

Зборувајќи за новата методологија тој додаде дека има идеи за пристап на земјите кандидати до одредени фондови, но се уште нема конкретно решени. Во овој конктест повтори дека Македонија се уште не е подготвена, иако, рече, извештаите на Европската комисија се позитивни уште за време на, како што рече, „претходниот режим“.

-Не знам што ќе следи до самитот во Загреб, треба да дадеме предлог за нова методологија, а вие да продолжите со спроведување на реформите – порача тој и додаде дека се уште нема официјална информација за можно доаѓање на Макрон во земјава.

Прашан за пристапувањето на Македонија во НАТО, Тимоние посочи дека Франција со сигурност нема да го блокира ратификувањето на протоклот.

Поврзани новости