Тимоние: Веруваме дека Македонија ќе се приклучи во европското семејство

by fokus

Ние имаме доверба во Македонија дека ќе ни се приклучи во европското семејство. Ова денеска го соопшти францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние во МНР, каде со предавање беше одбележан Денот на Европа-9 Мај.

– Добредојдовте во клубот бидејќи вие поминавте, направивте еден значителен чекор со безусловната препорака. Но, тоа е само почетокот на еден пат. Добредојдовте до клубот за дискусија кој исто така го претставува ЕУ, рече Тимоние.

Денот на Европа, како што рече, е голем ден за сите нас и во блиска иднина ќе биде заеднички ден. Франција ве придружува на овој пат.

Државниот секретар на Министерството за надворешни работи Виктор Димовски информира дека годинава се одбежежува 25-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Франција. Упати благодарност за одличната соработка со Франција, а особено со Француската амбасада во Скопје.

– Поддршката и партнерството со Франција за нашиот европски и евроатлантски пат се исклучително важни и верувам дека следниот јубилеј ќе го славиме заедно во големото европско семејство, рече Димовски.

Предавањето на тема „Европската унија и националниот уставен идентитет“ одржа професорот по уставно право од Универзитетот во Бордо Фердинанд Мелан-Сукраманиен. Тој го претстави францускиот случај во рамки на ЕУ.

Предавањето го организираа Дипломатската академија на МНР на Република Македонија и Амбасадата на Француската Република.

Поврзани новости