„Тиквешките лозаро – овоштари” бараат три денари субвенции, лозарите сметаат дека протестите се задоцнети: Касно стига Марко на Косово Поле!

by Fokus

По мирниот протест кој што во средата се одржа во Неготино, регионалното здружение ,,Тиквешки лозаро – овоштари” вчера го блокираше патот Градско – Прилеп, и најавија низа на протести во наредниот период. Вечерва во 18:00 часот ги повикаа незадоволните лозари да излезат со тракторите на протест во Кавадарци пред УЈП од каде ќе се обрателе до надлежните со своите барања.

За време на протестот во Неготино излезеноста на лозарите беше мала. Златко Стојчев, кој е претседател на здружението побара наместо најавените два денари субвенции за килограм грозје предадено во винарските визби, лозарите да добијат по три денари. Се бараше одредување на загарантирана цена и полесен пристап до европските фондови.

-Не се откажуваме, одиме до крај. Лозарите или ќе станат почитувани, или ќе ги ископачиме лозјата – порачаа од здружението, и најавија дека ако владата и винариите останат глуви на нивните барања, ќе започнат со генерален штрајк и масовни блокади на патиштата. Сепак, голем број на лозари сметаат дека протестите се задоцнети бидејќи бербата веќе е при крај, и како преговорите требало да започнат уште пред неколку месеци.

-Касно пристига Марко на Косово Поле, Ние сме за Гинис, сите штрајкуваат со месеци пред берба, ние после берба – се само дел од коментарите кои ги оставаат лозарите на социјалните мрежи по повод најавените протести. На повеќето откупни пунктови во Тиквешијата деновиве се вршеше откуп на грозје од сортата смедеревка по цена од 10 денари за килограм, додека пак за кабернет и мерлот цената изнесуваше 14 денари за килограм.

Пред почетокот на бербата лозарите бараа 16 денари за смедеревката и 18 денари за вранецот. Владата најави дополнителни субвенции од два денари за килограм грозје, а неколку години наназад активни се и субвенциите од по 4.000 денари за декар лозје.

Поврзани новости