Ти не си Крсте, ама си Македонија!

by Fokus

Пишува Ида Протугер Вељковиќ

Со задоцнување ја изгледав дебатата на режимската телевизија помеѓу извесен Крсте Јовановски, претставник на ДПМНЕ и Андреј Јованчевски од Левица, каде наводно дебатираа на тема култура. Велам наводно бидејќи дебата подразбира навистина култура на комуникација, што овде од едната страна недостасуваше.

Крсте беше претставен како актер, не знам која му е возраста, но се гледа средовечен маж. Јас не го знам, а мислам дека прилично ја знам и театарската и филмската домашна сцена. Андреј Јованчевски како што самиот кажа има 26 и иако е млад, јас добро го знам уште од првиот протест на студентите кога на 24 Вести гостуваа претставници на Студентскиот пленум. Таква елоквентност, прецизност во изразот, аргументација, култура на однесување што е за восхит. Јас нема да гласам за Левица бидејќи мислам дека гласањето против режимот е најефикасно со глас за коалицијата на СДСМ, но оваа таканаречена дебата ми остави силен впечаток за разлика помеѓу тоа што го претставува Груевизмот и она за кое се бори слободоумната јавност. Меѓу нас и нив. Многу беше кристализиран тој цивилизициски јаз, од една страна таа примитивност, тоа слугинство, таа психологија на поткупливост, робовско собирање на трошки што ги оставил владетелот, една нискост во секоја смисла, наспроти една елеганција на одлучност, изграден став, свесност за сопствената улога во општеството и активна единка која почитува авторитет кој произлегува од аргументи, а не слепа верба кон ликови (без оглед на возраста). Толку различно, толку црно бело.

Индивидуи наспроти маса

Уште ми одзвонуваат зборовите на Крсте од ГДОМ како му урлаше на Андреј “има да слушаш младо момче, да почитуваш”. Јас навистина во студиото не видов младо момче туку возрасен млад човек, но тие зборови на Крсте ме поразија. Го замислив како родител, кој на своите деца има вреска дома “има да слушаш” и наместо да го почитуваат поради авторитетот кој произлегува од неговите аргументи, треба да го “слушаат” додека не пораснат и потоа, ако поминале низ квалитетен процес на образование можеби ќе се дефинираат како слободни и мислечки луѓе, а ако не, и тие ќе им врескаат на своите деца “има да слушаш”. Го замислив Крсте како се жали дома дека не го ценат како актер, веројатно не успеал ни во такси професијата, постојано некој е “неправедно” подобар од него и дека сега ќе проба со влез во партија да ги среди работите.  Му велат дека треба да покаже лојалност. Лојалност, тоа е клучниот збор што се поистоветува со неговата психологија. Го учеле дека треба да “слуша” и сега само треба да биде покорен, послушен, лојален и наградата ќе следи. И види чудо, само треба да кажува колку е најдобар Груевски, да покаже дека му се восхитува и почнуваат да течат хонорарчиња, да закрпи некоја “дупка” во домашниот буџет. Со една покорна и слугинска насмевка трча во штабот да покаже лојалност, да се насмее на некој шеф (кој било на повисоко хиерархиско место во партијата) и да чека хонорарче или функциичка. Дали неговиот господар крадел безочно, манипулирал, бил насилник и садист, тоа Крсте не го интересира. Да го прашаш за какви вредности се залага, каков е неговиот став за нешто, тој нема да знае да каже затоа што цел живот го учеле дека треба да слуша, да биде статист во сопствениот живот, а се покорува на авторитети. Така јас го замислувам животот на Крсте.

Сега Груевски има моќ затоа што има многу Крстевци. Веројатно најдобрата улога во актерската кариера на Крсте е ликот на извршителите на режимот. Груевизмот регрутираше токму такви ликови кои за жал, се покажа дека се поприлично многу во Македонија. Со слаб капацитет, а силни амбиции, алчни за функции, за пари, со својот капацитет не би можеле да се истакнат во општествени рамки, но види чудо, со самиот влез во Фамилијата, животот им се менува на подобро. Тој круг на владетел и извршители ако треба да се опише со еден збор, се вика нискост. Нема вистинска почит поради вредностите што ги негува Груевски ако е јасно дека крадењето, лажењето, манипулацијата, насилството и садизмот се анти-вредности. Значи почитта е субјект на трговија. Крсте ќе слуша и ќе му се восхитува, Груевски ќе го награди за тоа. Функција, хонорар, субвенција. Тој истргуван восхит и купена лојалност темелот на моќта на Груевски. За возврат, Груевски ќе ја задоволи потребата на Крсте за “татко” кој е великодушен ако си послушен, но и својата, да се чувствува великан.

Андреј е другото лице, чиста спротивност на Крстевото. Тој слуша аргументи и така гради став, а не слуша авторитети. Свесно оди низ животот, со одговорен однос кон сопствената улога во него и во општеството. Неверојатно бргу го “прочита” соговорникот и со точен израз го опиша тој мачоизам и таа патерналистичка психологија, потреба за “татко” и покажување “татковство”. Но, за жал, таквата психологија Груевски само ја искористи, а во Македонија постои како оставштина од социјализмот, погрешно образование кое креира маса, а не индивидуи. Јас самата паметам дека прв пат на факултет ме прашаа кое е моето мислење за нешто бидејќи претходно се бараше само репродукција на она “што пишува во книгата”. Никогаш не сум им викала на моите деца “има да ме слушаш”, не ме вреѓа, напротив, ми годи кога ме викаат “брат” во дискусиите и никогаш не сум им наметнувала избор. Им кажувам дека ми е важно само да имаат визија за својот живот, да ја остварат и да се борат за вредности, не за луѓе. И самите да бидат луѓе, не нечии робови, нечија своина, туку свои на себе.

Гласајте според совеста и пред се, свеста

Таквата психологија на слугинство, на несвесен од низ сопствениот живот слушајќи авторитети по сила на функција, а не по сила на аргументација и знаење е многу присутна во Македонија и не е само екслузивитет во редовите на ДПМНЕ. Не, таа беше основа претходно за “бранковизмот”. Немам илузии дека има такви кои се во други партии само за да ја истргуваат лојалност и покорноста за некоја нивна придобивка. Јас само се надевам дека новото време што започна со Студентскиот пленум и она што го донесе Шарената револуција е времето на луѓе како Андреј кои би станувале се побројни. Луѓе кои се обединуваат околу цивилизациски вредности, почитување на човековите права, чесен однос кон јавното добро, луѓе кои се сосема свесни за нивната улога и моќ во општествените текови.

Се надевам затоа што за да застане Македонија повторно на нозе и да се изгради како држава каде победникот на избори не би имал таква моќ што сега му ја даваат луѓето со робовска психологија, потребни се луѓе и индивидуи, а не неосвестени припадници на стадо. Здрава држава е онаа каде граѓаните се свесни дека тие се моќта,тие само му ја делегираат на премиерот обврската да управува со заедничките пари, а не да ги краде. И ако краде, дека тие се моќта што ќе го казнат преку институциите кои постојат во нивно име.

Искрено се надевам, додека се пакувам да заминам на гласање во Македонија дека во мојата земја останале доволен број на индивидуи, надвор од стадото.

Дека ќе успееме да му “пресудиме” на режимот и на неговите извршители.

Дека сме доволен број што не сме “Крсте”. Најголемата надеж ми е кај младите. Сведоци на злоделата на Груевски и злоупотребата на моќ со која ја зароби државата се многу млади луѓе кои веќе стекнале избирачко право. Да се надеваме дека ќе го искористат како што им налага совеста и пред се, свеста.

Поврзани новости