Тевдовски: Од втората половина на 2017 година почна да и се разденува на македонската економија

by fokus

Ако првата половина од 2017 година беше ноќ, во втората половина почна да и се разденува на македонската економија, а веќе на почетокот на 2018 имаме показатели кои укажуваат на нејзино раздвижување, вели во интервју за Гласот на Америка министерот за финансии Драган Тевдовски, кој учествува на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.

Како што истакнува министерот за финансии, во 2018 година првичните индикатори покажуваат раст и раздвижување на економијата.

-Во јануари и февруари годинава во споредба со претходната година, индустриското производство расте за 5,6%. Има сериозен раст на извозот околу 24%. Кредитната активност во првите месеци е исто така раздвижена и висока, вклучително и кај компаниите што е позитивно, бидејќи во изминатиот период главно беше кај домаќинствата. И платите во Македонија започнаа вистински да растат, со раст од 5,6% на годишна основа, што ја зголеми просечната плата за 1.250 денари и за првпат имаме просечна плата над 24.000 денари. Ова се први сигнали дека македонската економија оди во добра насока, после 2017 година каде имавме ноќ и ден – една половина од годината со економски пад, потоа започна да се движи позитивно економијата. Сега 2018 година може да се очекува да биде сериозен пресврт и економијата ќе продолжи да се движи во добра насока – вели во интервјуто Тевдовски.

Стимул за раст на економијата ќе биде и безусловната препорака на Европската комисија за почеток за преговорите за членство.

-Тоа е многу важно, бидејќи по сите теории економијата ја движат очекувањата на економските агенти. Тоа значи дека ваков силен сигнал, како добивање на безусловна препорака и пораката на Могерини дека Македонија е повторно на вистинската патека, сето тоа ќе ги раздвижи очекувањата и ќе фирмите и компаниите ќе преземат активности кои ќе водат напред. Тоа што се враќаме на вистинска патека во евроинтеграциите е показател за инвеститорите дека е безбедно и дека може повеќе да инвестираат. Тоа значи дека во Македонија годинава и годините кои ќе следат, може да се очекува и зголемување на инвестициите со движењето кон евроаталснките процеси, бидејќи сите земји во регионот кои се движеа во таа насока тоа го остварија, вели Тевдовски.

За да економијата оди напред потребни се повеќе реформи, меѓу кои прва е фискалната транспарентност истакна министерот за финансии и посочи дека се преземаат голем број на активности и мерки за што поголема транспарентост.

– ММФ и Светска банка тоа го поздравуваат. Министерството за финансии презема многу мерки: од објавување на граѓански буџети, објавување на досега необјавени податоци, барање сите институции договорите од јавни набавки да ги објавуваат на веб страните, сето тоа е во насока на фискална транспарентност. Фискалната транспарентност значи дека јавноста прави притисок, парите од граѓаните да се трошат во вистинска насока. Преземаме и низа реформи во сите области, пред се во јавните финансии. Тоа се реформи во системот на јавните набавки и во контролните механизми на државата, за да се зголемува ефикасноста во трошењата, истакна Тевдовски.

Во следните 12 месеци Тевдовски очекува да се заврши со првиот сериозен бран на реформи. Исто така, очекува повеќе инвестиции како резултат на напредокот во евроатланските интеграции, раздвижување на економската состојба и движење на Македонија во или над нејзиниот потенцијал на економски раст.

Поврзани новости