Тевдовски: Има можност за влез на германски инвеститори кои ќе понудат пристојни плати

by fokus

Постои можност за влез на германски компании во Македонија, кои ќе придонесат за развој на економијата, но и кои ќе обезбедат пристојни плати за вработените.

Ова го истакна денеска министерот за финансии Драган Тевдовски во изјава по повод средба на економскиот тим од Владата со претставници на големи германски компании, бизнисмени и стопански комори.

Владината делегација денеска е работна посета во Франкфурт, предводена од заменик претседателот на Владата за економски прашања Кочо Анѓушев, а во неа се и министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за здравство Венко Филипче, и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Александар Младеновски.

– Во Франкфурт сме за да ги презентираме можностите за инвестирање во Македонија. Има сериозни германски компании кои се заинтересирани да влезат во нашата земја, имајќи ја предвид позитивната насока во која се движи Македонија и нејзината добра фискална позиција, која ги поддржува инвестициите. Денеска разговаравме на различни теми од макроекономска стабилност, од фискалната позиција, можностите за водење бизнис, транспаретноста – која сериозно ја отворивме и која е препознаена од страна на релевантните меѓународни институции, како ЕУ, ММФ и Светска банка. Инвеститорите особено се интересираа околу понудата на работна сила која ја има Македонија. Ние истакнавме дека има можности овие компании да влезат во нашата земја и да придонесат и за развој на економијата, но и да обезбедат пристојни плати, рече министерот за финансии Тевдовски.

На инвеститорите им беа презентирани и поволностите за инвеститорите кои ги обезбедува Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои на транспарентен и еднаков за сите начин ги поддржуваат инвестициите.

Поврзани новости