Тевдовски доби ќерка: Ова е нашата трета среќа!

by Fokus
-Ова е нашата трета среќа, сеуште сме превозбудени сите – ни изјави во телефонски разговор министерот за финансии, Драган Тевдовски, по повод раѓањето на неговата трета ќерка.

Неговата сопруга Анита се породила утринава, со царски рез, две недели порано, но тој вели дека таа и бебето се чувствуваат добро.

,,Се помина во најдобар ред, малата има 3.100 грама. Сега ќе ги донесам и постарите ќеркички Ема и Каја да ја видат сестричката, која со нетрпение ја очекуваа. За името се уште не сме одлучиле, секако и сестричките ќе помогнат во изборот’’ – вели пресреќниот татко.

Тој додава дека нема да се придржува до старото верување, да не се покажува бебето на јавноста во првите 40 дена, и како наскоро ќе објави фотографии од новородената ќерка.

,,Сакав веднаш да ја сликам малата, но персоналот во болницата не ми дозволи, морам да причекам неколку часа. Секако дека ќе ги споделам фотографиите, ова е голема радост за сите нас’’ – ни изјави министерот, додавајќи дека е изненаден како веста со толкава брзина се проширила во јавноста, па веќе започнал да добива честитки, само неколку часа по породувањето.

Минатиот месец, тој за ,,Фокус’’ раскажа дека е пресреќен затоа што чека трета ќерка. Потајно посакувал и третото бебе да биде девојче, бидејќи ги обожавал своите ќеркички кои се негова најредовна публика на атлетските трки, на кои е редовен учесник.

Неговата сопруга Анита, на јавноста и е позната како дел од музичката сцена во земјава кон крајот на деведесеттите години, кога беше членка на триото ,,Ин’’ и остана запаметена по хитот ,,Божица’’ кој тогаш беше на врвот на сите музички листи.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости