Тетовскиот алпинист Мурсели се нуди да помогне во Турција: Им требаме на тие луѓе!

by Fokus

На мака се познаваат пријателите, па така и Македонија како пријателска земја се подготвува да испрати помош на Турција, која заедно со Сирија утрово беа потресени од страшен земјотрес.

Тетовскиот алпинист Надир Мурсели се пријавува доброволно да оди и да помогне на настраданите жители.

„Јас сум алпинист со голема искуство и заедно со мој пријател од Неготино имаме опрема за спуштање, појаси, кациги и се што е потребно за вакви акции. Спасувачи сме и сакаме да помогнеме. Се надеваме дека ќе најдеме во овие моменти некој тим што ќе не земе. Нашите пожарникари од Тетово ќе одат да помогнат, но за жал тие не можат да не земат, затоа што мора да имаат дозвола за такво нешто. Планинарска спасителна служба од Сараево се подготвува да тргне за Турција и верувам дека со нив ќе можеме да појдеме. Им требаме на тие луѓе“, истакна Мурсели за „Фокус“.

Инаку, Мурсели заедно со алпинистот Глигор Делев од 12 јануари до 1 февруари оваа година искачија шест планински врвови повисоки од 3.000 метри во неколку земји во Јужна Америка.

Делев е вториот Македонец што се искачил на Монт Еверест во 2007 година. Роден скопјанец (1960), кој живее и работи во Канада како доктор, Надир Мурсели на планините низ светот највисоко стигнал на Хималаите – на Ајланд Пик на 6.200 м.н.в., а учествувал на експедиции на врвовите Денали (Мекинли) и Аконкагва.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости