Тетовска компанија добивала тендери, сопственикот станал донатор на СДСМ

by Фокус

Сопственик на тетовска градежна компанија, која добила бројни тендери од државни институции и јавни субјекти во последните неколку години, уплатил парична донација на сметката на СДСМ во текот на минатата 2019 година, објави неделникот Фокус.

Според извештајот на донатори на СДСМ за второто полугодие од минатата година, најголемата владејачка партија во овој шестмесечен период примила вкупно 531 донации, главно од јавни и партиски функционери.

Притоа, како еден од донаторите под реден број 259 се јавува Насер Сеадини, кој донирал 29.500 денари, што всушност претставува неговата прва донација за социјалдемократите, со оглед дека неговото име не може да се забележи на претходните извештаи доставени до надлежните институции.

Инаку, Сеадини е сопственик и воедно управител на тетовската компанија за изградба на станбени и нестанбени згради „Дон-Хаус“, која, според Централниот регистар, е основана во 2008 година со седиште во тетовска Мала Речица, со тоа што во рамки на фирмата функцинира и подружница во скопско Визбегово.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, „Дон-Хаус“ склучила десетици договори за јавна набавка, така што во периодот од 2017 година досега, компанијата добила тендери во вкупна вредност од околу 742 илјади евра.

Што се однесува за изминатата 2019 година, оваа компанија склучила договор со Министерството за образование за реконструкција на школо во Боговиње од 7,6 милиони денари, со Општина Боговиње за доизградба на административната зграда од 6,3 милиони денари, со штипското ОУ Јане Сандански за реконструкција на спортската сала од 2 милиони денари итн.

Како што ни изјавија од СДСМ, кога примаат донација добиваат извод во кој се гледа име и презиме и трансакциска сметка на донаторот, но притоа не се наведени повеќе податоци од типот на адреса на живеење, професија на донаторот и сл.

Од таа гледна точка, од таму посочуваат дека не можат да знаат дали донаторот Сеадини е истиот човек кој е сопственик на компанијата „Дон-Хаус“, но дури и да е така, нагласуваат од Бихаќка, тука нема ништо спорно.

Од таму упатуваат на Законот за финансирање на политичките партии, кој пропишува дека политичките партии, меѓу другото, не смее да се финансираат од приватни претпријатија, кои, според Членот 20, во моментот на давањето на прилогот кон политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или јавни установи по пат на договор, но, како што истакнуваат од таму, нема таква забрана за физички лица.

Сепак, експертите велат дека оваа донација може да се проблематизира од етички аспект, со оглед дека лицето што донира е прв човек на компанијата што инкасирала значителни буџетски средства за време на донацијата, што е спротивно на духот на законските ограничувања.

-Во вакви ситуации нема ништо спорно од формално-правен аспект вака како што е напишан законот, меѓутоа очигледна е целта да се пронајде пукнатина. Се нарушува духот и поентата на законот, а тоа е да се спречи односот на давање и земање меѓу партија и компанија – смета поранешниот член на Антикорупциската комисија Драган Малиновски.

Од „Дон Хаус“, пак, не одговорија на нашите прашања за донацијата, додека Сеадини остана недостапен за коментар.

Влатко Стојановски

Поврзани новости