Тетово град без музика, без шеталиште, без душа

by Fokus 20:31
20:31

Градоначалникот Касами сака да му даде нов изглед на градот. Но, урбаното подрачје не се ослободува од автомобили со единствена изградба на паркинзи, ова е само една мерка што има врска со автомобилите во градот

Хасан ЈАШАРИ

Дали градот треба да го промени својот изглед и начин на живеење? Ова е прашање што нè мачи подолго време. Заедниците мора постојано да планираат како да ги задоволат своите потреби. Американците имаат свои планови што се прават за 20 години и се нарекуваат „Планирање на заедницата“.

Сите ќе се согласиме со горчливата вистина дека Тетово е  збиен град, собран во тесен простор. Критичкото размислување нè тера  да размислиме како треба да изградиме еден нов концепт на планирање на заедницата.

СОСТОЈБА НА УМОТ

Ако се повикаме на „Чикашката школа на урбаната социологија“ од Роберт Е. Парк и Ернест В. Барџис во нивната книга „Градот“ – од нивна гледна точка, градот е многу  повеќе од само куп луѓе, улици, згради, електрични светла, продавници итн., но дури и повеќе од, исто така,  едноставна констелација на институции и административна опрема – судови, болници, училишта, полиција и јавни службеници од различни видови.

Но, она што е најважно за нашата идеја – Тетово е повеќе една состојба на умот. Тоа е едно душевно чувство, тело на обичаи и традиции. Значи, градот не е само изградба на многукатни згради, без паркинзи и со балкони на улица. Тетово сега е град на казина и урбан неред што можеме да го видиме само во филмовите за Индијана Џонс, кога се прикажуваат сцени од улиците на Африка и Централна Азија – Мали, Авганистан или Бангладеш. Градот треба да планира трансфер на услуги надвор од центарот, во близина на главните и проодни патишта, заедницата да биде ориентирана кон приградските населби.

Со други зборови, градот не е само физички механизам и дива конструкција каде што е узурпиран јавниот простор и местото каде што селаните продавале лук и кромид… Тој е вклучен во виталните процеси на луѓето што го сочинуваат; производ е на природата, а особено на човековата природа. Колку останало од природата во Тетово кога и она што го остави комунизмот како паркови и места со дрвја и зеленило, демократијата, последната деценија, се пазари и изгради 3-4 нови згради (види го патот од Зелен пазар до Касарната што води до Јажинце)?

ЧОВЕЧКА АЛЧНОСТ

Овој производ на човечката алчност ја проголта земјата каде што играа децата, ги проголта тротоарите каде што мајките ги шетаат своите бебиња во колички. Градот остана без душа затоа што е нарушена играта на децата, ограбен им е просторот. Значи имаме институционална и морална деградација. Возењето велосипед е како да се качите на брод што тоне.

Градот нема шеталишта, како што сега има Феризај, низ центарот на  градот. Зошто да нема и Тетово вакви шеталишта? Нека се проба по 17 часот да се затвори патот од центар до Зелен пазар за возила. Нека биде тест, сигурен сум дека овој гест ќе им се допадне на граѓаните.

Но, се поставува и прашањето дали некој мора да помине низ  центарот  на градот со автомобил без никаква потреба?

Градоначалникот Касами сака да му даде нов изглед на градот. Но, урбаното подрачје не се ослободува од автомобили со единствена изградба на паркинзи, ова е само една мерка што има врска со автомобилите во градот. Мора да се растовари од возила со изградба на кружни текови и подвозници (подвозници под железничка пруга за да се пренесат возилата од градот до кружните текови и околните патишта). Треба да се изгради надвозник за патот од Спортски центар-Железничка станица-Рамстор.

Оттаму обиколницата за Непроштено, кое би го ослободило градот од автомобилите што одат на Косово или во Скопје и некаде на друго место и сега минуваат низ градот. Заедницата не може да се растовари од сообраќај ако автомобилите се движат бавно, не поминуваат брзо, па патиштата не се проодни од многубројните пешаци и кружните текови, кои дефинитивно може и треба да се прошират.

ДАЛИ Е ПРИОРИТЕТ ПАТОТ ТЕТОВО ПРИЗРЕН?

Ова е рефрен за самоизмама и манипулација од 2012 година. Би било одлична работа, но кој ќе ја изгради? Кога ќе видиме како се одвива изградбата на патиштата Блаце – Скопје и Кичево – Струга, тогаш мора да знаеме колку е часот.

Тетово има приоритет да ја промовира изградбата на патот Тетово –Јажинце, кој е синџир полн со автомобили и пат кој почна да го оптоварува сообраќајот, бизнисите и го отежнува животот на луѓето. Патот треба да се изгради по полето,  тоа треба да биде  брз пат, затоа што Американците велат дека ‘Времето е пари’. Денес, транспортот, комуникациите, тротоарите и лифтовите, всушност, имаат тенденција веднаш да донесат поголема мобилност и поголема концентрација на урбаното население. Брзањето е модерно денес, никој не сака да чека.

ЕКОЛОШКА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ГРАДОТ

Гледаме дека Тетово сега е почисто место. Сепак, градот не е само географски и еколошки факт. Таа, во исто време, особено сега и во иднина, претставува важна економска единица заснована на поделба на трудот. Населението е еден од најважните аспекти и неговиот однос кон градот мора да се промени – секој треба да си ја работи својата работа, секој да се самоконтролира, секој да придонесе за екологијата, секој да иницира во секоја станбена единица, во близина, да има игри за деца. Децата треба да имаат можност да играат кога сакаат и колку сакаат. Жителите ќе бидат среќни кога ќе бидат сигурни дека нивните деца се среќни и безбедни.

Дали Тетово е природно подрачје на човечко населување?

Градот, од гледна точка на неговата географија, е подигнат наглавечки, би рекол писателот Исмаил Кадаре и фрлен да се простира во неред. Недостасува формална организација – дали со детален урбанистички план беа вклучени овие работи или не? Пример, патишта, згради, комунални услуги, зелени оази, тротоари, паркинзи, детски ќошиња – дали се избалансирани? Овие работи се клучни делови, кои стануваат промотори на живиот град; природното живеалиште на цивилизираниот човек.

Познатиот социолог Луис Вирт, во своето историско дело под наслов „Урбанизмот како начин на живеење“, пишува дека сè повеќе луѓе се селат во градовите и светот брзо се урбанизирал. Состојбата на живеење во град станал модерен начин на живот. Урбаната средина изобилува со станбени области, деловен центри, образование, здравје, култура, спорт и сл.

Наместо заклучок: сите треба да работиме и да го направиме Тетово  средина со вистинска урбана култура.

(Авторот специјализирал на Планирање на заедниците на Државниот универзитет во Илиноис, Bloomington Normal,USA, во 2002 година)

Поврзани новости