Укинување на радиодифузна такса и зголемување на минималната плата ќе ги стави на тест пратениците

by fokus

На првата пленарна седница во Собранието по годишниот одмор на пратениците, освен точката за објавување оглас за избор на нов јавен обвинител, ќе се отворат и точките за зголемување на минималната плата и за укинување на радиодифузната такса. Законите се поднесени од координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, иако претходно социјалдемократите побараа поддршка во поднесувањето на измените и од ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА. Парламентарното мнозинство предлага законите да бидат донесени во скратена постапка, но очекуваат блокади од опозицијата.

„Досегашниот начин на финансирање, според кој најголем процент од средствата се обезбедуваат со плаќање на радиодифузна такса од страна на граѓаните, воопшто не е во согласност со целта за заштита на интересите на корисниците на радиодифузниот сервис. Листата на плаќачи беше проширена со воведување нова категорија на обврзници за плаќање на радиодифузна такса, а тоа се трговците поединци, како и други вршители на дејност со помалку од 20 вработени. Радиодифузната такса беше зголемена од 130 на 190 денари. “, стои во предлог измените на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги.

Наплатата на радидифузна такса предизвика бројни проблеми особено кај примателите на социјална помош кои не можеа да си ги подигнат средствата поради блокирани сметки. Причините на проблемот беа лоцирани во лошото управување со системот на јавниот серивс. Освен тоа изминативе години Македонската радиотелевизија постојано ги зазема меѓу првите места  на листата на должници на Управата за јавни приходи за неплатени долгови по основ на даноци што според експертите е причина плус да се промени начинот на финансирање.

Со законот се предлага МРТ да се финансира од државниот буџет во износ од 16 милиони евра годишно.

Измените на законот за минимална плата предвидуваат зголемување на минималната плата на 12.000 денари за 130.000 вработени во индустријата за производство на текстил, облека и кожа. Владата планира да ги поддржи компаниите со 1,5 милиони евра месечно средства од буџетот, но само во првата година.

M.В.

Поврзани новости