Тензично продолжение на собраниската седница: Ако треба ќе останеме до сабајле

by Фокус

Тензично се одвива продолжението на денешната собраниска седница, откако опозицијата реагираше дека не биле навремено и уредно известени за продолжението на седницата, а, според нив, немало ниту соодветно образложение.

Откако седницата продолжи после паузата, опозициските пратеници со тропање и свирење бараа процедурално обраќање.  После тоа, спикерот Талат Џафери му дозволи да се обрати на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој рече дека мнозинството сака во текот на ноќта да донесе закони на шверцерски начин.

-Ова е крајно нетранспарентно однесување од страна на Собранието. Прво чекаме час и половина да продолжи седницата. Наместо да им се извините на граѓаните, вие продолжувате без да известите за седница. Сакате на шверцерски начин да носите закони, но ќе останеме тука до утре сабајле ако треба – рече Мицевски.

Борислав Крмов од Левица, пак, реагираше дека противправно е продолжување на собраниска седница доколку не е итна.

-Не е битно дали е продолжение, некој од нас живее од Охрид, Гевгелија, не може да се организираме. Добивме известување во 9 за седница во 13 часот. Сакаме да ја видиме одлуката за продолжување на седницата, се што се случува после 18 часот е неделовнички. До кога ќе работиме? Ако доле во службите има вреќи да спиење, кауч, ќе останеме нема проблем – рече Крмов.

Џафери возврати дека сите пратеници навреме добиле известување за седницата и притоа им посочи на опозициските пратеници дека погрешно го толкуваат дековникот.

-Пораката од сабајле добиле сите дека од 12 часот продолжува 19-тата седница свикана претходно, а по неа ќе продолжиме со 20-тата седница. Уште сабајле ви е кажано дека ќе продолжиме со 20-тата седница. Така е и по воспоставена пракса во последните 30 години во сите мандати – рече Џафери.

Поврзани новости