Тензична атмосфера на судењето на лидерот на Златна зора

by fokus

Откако претседателката на судот го заврши првиот дел од сослушувањето на Златна зора, Никос Михалољакос во судскиот процес против партијата и закажа ново рочиште за утре, тензична беше атмосферата во атинскиот суд со слогани и дофрлања меѓу поддржувачите на Златна зора, од една, и семејството и пријателите на убиениот музичар Павлос Фисас, од друга страна, а меѓу нив фоторепортери и силно полициско обезбедување, јави дописничката на МИА од Атина.

По сослушувањето и завршувањето на рочиштето, мајката на убиениот Павлос Фисас, негови роднини и пријатели извикуваа „убиец” кон Михалољакос, по што поддржувачите на Златна зора го скандираа нивниот партиски слоган „Крв, чест, Златна зора”, за веднаш да добијат одговор од другата страна „Павлос е жив, уништете ги нацистите”.

Специјалните полициски единици формираа два коридора, за двете страни да не дојдат во директен контакт и за да се избегнат инциденти, а поддржувачите на Златна зора со туркање и вербално ги нападнаа фоторепортерите.

Тензијата траеше кратко, по што двете страни, од различни излези ја напуштија судницата.

Првиот дел од сослушувањето траеше три и пол часа, а ќе продолжи утре наутро.

-Изјавувам дека сум невин за обвиненијата против мене, сметам дека станува збор за политички наместен случај од 25 години, рече Михалољакос, на почетокот од неговиот исказ што траеше 40 минути, по што одговори на десетици прашања од обвинителите.

Првиот човек на Златна зора кој е обвинет за формирање и управување со криминална организација, во неговиот исказ говореше и за моментот кога беше уапсен, коментирајќи дека дошле маскирани лица со црни блиндирани автомобили „како да го апсат Бин Ладен“.

Поврзани новости