Телохранителот не знае какви команди давал Чавков, Кацарска го праша која е причината поради која не може да се сети

by fokus

Телохранителот на поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, не можеше да се сети какви команди давал додека се наоѓал во канцеларијата во зградата на Технометал Вардар.

Според неговито сведочење на денешното рочиште за 27 април, Чавков се наоѓал во оваа канцеларија помеѓу 18.00 и 20.00 часот. Иако не го гледал, тој го слушал како издава наредби, но не можеше да се сети какви наредби издавал. Зградата на Технометал Вардар инаку се наоѓа веднаш до седиштето на ВМРО ДПМНЕ.

Сепак, телохранителот Никола Димитриевски, рече дека во клучниот период додека траел упадот во Собранието, Чавков бил во оваа канцеларија, а не во седиштето на ВМРО ДПМНЕ, како што претходно истакна Нинџа. Поради ова судијката Добрила Кацарска, го предупреди Димитриевски да внимава што зброрува бидејќи може да одговара за лажно сведочење. Во вкрстеното испрашување таа го праша Димитриевски со кого најмногу разговарал Чавков додека се наоѓал во канцеларијата на Технометал Вардар, на што сведокот рече дека најмногу разговарал со Влатко Наумовски, помошник командант на единицата за брзо распоредување.

-Не можам да се сетам што и како командуваше, не беше еден разговор или два, туку интензивно се разговараше цело време – рече Димитриевски за она што го слушнал од другата страна на вратата.

-Од толку многу команди, не можете на ниеден да се сетите – праша Кацарска.

-Конкретно не можам да се сетам во моментов – одговори тој.

-Како вработен во МВР 18 години, имајќи предвид за каков настан се работи, која е причината што не можете да се сетите?- допраша Кацарска.

-Од причина што помина подолг период – рече тој. Кацарска потоа истото го праша и за командувањето на Чавков во оперативниот штаб на МВР. Иако Димитриевски рече дека 99%од командите ги давал Чавков, тој повторно не можеше да се сети каква била содржината на командите. Телохранителот не можеше да се сети ниту дали слушнал разговори меѓу Чавков и тогашниот министер, Агим Нухиу.

-Мислам дека имаше разговори меѓу Чавков и Нухиу, но не знам за што разговараа – додаде тој. Претходно Димитриевски вкрстено беше испрашуван и од обвинетиот Александар Василевски Нинџа. Нинџа го праша сведокот дали е точно дека попладнето на 27 април Чавков бил облечен во спортска облека, односно во тренерки, на што Димитриевски рече:

-Најодговорно тврдам дека директорот тој ден беше облечен во оддело и кошула – одговори тој.

Поврзани новости