Телма: Не сакавме да бидеме дел од интервју кое требаше да го испере Иванов

by Фокус

Телевизија Телма ја одби поканата од кабинетот на Претседателот Ѓорѓе Иванов и одлучи одговорниот уредник на телевизијата да не учествува на денешната средба  на Иванов со главните уредници. Новинарите на ТВ Телма имаа прашања за претседателот Иванов завчера, кога ја објави одлуката за аболиција, меѓутоа на таа прес конференција тој  не дозволи прашања.

По одлуката на Иванов за аболицирање на 57 лица од кои некои имаа и по 16 помилувања односно за 16 сторени дела, ТВ Телма и натаму има многу прашања за претседателот на државата.

Но Tелма не сака да биде искористена за покритие за наводен  медиумски плурализам со колективното интервју, а кое треба да го испере претседателот Иванов пред  јавноста за неговата постапка која од реномирани стручњаци е оценета како крајно спорна, правно неиздржана и незаконска и со катастрофални последици по функционирањерто на правната држава и владеењето на правото, што едногласно беше констатирано во ставовите на меѓународната заедница.

Претседателот Иванов има отворена покана од ТВ Телма да дојде на интервју и во разговор со наш новинар да одговори на сите прашања на јавноста.

Секако, доследни на своите професионални принципи Телма ќе информира за настанот организиран од Иванов и за неговите ставови.

Редакциски став на ТВ Телма

Поврзани новости