Телеком: Немаме контрола врз системите за прислушување

by fokus

Од Македонски Телеком, четири дена по пресот на Специјалното јавно обвинителество, излегоа со реакција во која велат дека им ги доставиле на СЈО сите податоци што ги барале, но дека немаат контрола ниту можност да ја користат опремата за следење на комуникации која ја набавиле.

-По последните реакции во јавноста и на социјалните медиуми, Македонски Телеком известува дека согласно Законот за електронски комуникации и Законот за следење на комуникации има законска обврска да набави опрема за следење на комуникациите и да ја стави на располагање на Министерството за внатрешни работи, при што Македонски Телеком нема контрола, ниту можност за користење на истата.

Најодговорно тврдиме дека навремено сме обезбедиле одговори на сите барања од Специјалното јавно обвинителство и остануваме отворени за понатамошна соработка со надлежните органи – се вели во реакцијата на компанијата.

Ова следува откако СЈО, презентирајќи го новиот предмет „Таргет” обвини дека најмалку 5.827 телефонски броеви биле прислушувани во УБК, во текот на 2008 – 2015 година.

Од таму рекоа дека се уште ги немаат добиено бараните податоци од еден телефонски оператор за потребите на истрагата и дека побарале судска наредба за да ги обезбедат бараните податоци од операторот, кој не го именуваа.

Поврзани новости