Телефонски разговор Заев и Меркел: Време е Советот на ЕУ да донесе позитивна одлука за отворање на пристапните преговори

by fokus

Премиерот Зоран Заев во телефонскиот разговор со германската канцеларка, Ангела Меркел побарал поддршка во врска со одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија која треба да ја донесе Советот на ЕУ во јуни, со оглед на тоа дека државата има статус на земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, го склучи Договорот од Преспа и постигна резултати во поглед на реформските процеси.

-Време е Советот на ЕУ да донесе позитивна одлука за отворање на пристапните преговори. Оваа одлука ќе претставува дополнително охрабрување за да се продолжи со реформите во Северна Македонија, посочил Заев во вчерашниот телефонски разговор со Меркел.

Двајцата соговорници, како што соопшти владината прес-служба, констатирале дека спроведувањето на Договорот од Преспа е добра вест за Европа.

Во разговорот било потврдено дека посетата на Северна Македонија што ја оствари грчкиот премиер Ципрас на 2-ри април, како и заедничката владина седница, се историски момент.

Позитивниот развој на односите меѓу Северна Македонија и Грција, како што посочиле, е позитивен пример за регионот на Западен Балкан и тоа се добри вести за Европа.

-Спроведувањето на Договорот од Преспа потврдува дека дијалогот и дипломатијата креираат позитивни резултати за надминување на отворените прашања и може да донесат директна економска корист за граѓаните, заклучиле соговорниците.

Премиерот Заев ја информирал Меркел дека владите на Северна Македонија и Грција потпишаа неколку договори за зацврстување и развој на соработката, како и за бизнис форумот во Скопје на кој присуствуваа повеќе од 140 компании од Грција и 250 компании од Северна Македонија.

Во телефонскиот разговор, Заев ја информирал Меркел и за други политички настани во државата, како што е одржувањето на отворен дијалог со опозицијата во врска со реформите, каде се постигнати конкретни резултати со усвојувањето на нов закон за антидискриминација, формирањето на Антикорупциска комисија, како и реформи во безбедносните служби и јавната администрација. Притоа станало збор и за дијалогот во врска со иднината на Специјалното јавно обвинителство што сѐ уште е во тек.

Премиерот Заев ѝ се заблагодарил на канцеларката Меркел за поддршката што Германија ја даваше во сите процеси, вклучително и надминувањето на спорот за името со соседна Грција, внатрешните реформи, а особено за економскиот советник што Германија го обезбеди со цел да ѝ помага на Владата на Северна Македонија.

Германија, како што е наведено во соопштението, е најголемиот трговски партнер на Северна Македонија, а интересот на германските инвеститори е сѐ поголем. Покрај тоа, во земјата се спроведува модел за дуално образование со помош на германски партнери.

Канцеларката Меркел го поздравила позитивниот развој на спроведувањето на Договорот од Преспа, како и спроведувањето на домашните реформи преку отворен дијалог со опозицијата, што, според неа, ќе донесе конкретни и позитивни резултати.

Поврзани новости