Текстилни работници добиле по 100 или 500 денари К-15

by Fokus

Работници од 62 фирми низ земјава пријавиле до НВО „Гласен текстилец“ дека не им е исплатено или добиле минимален износ од 100 или 500 денари регрес за годишен одмор, познат како К-15.

Кристина Ампева од НВО „Гласен текстилец“ вели дека пријави имаат од Штип, Скопје, Куманово, но и од останатите градови низ земјава. Според нивните податоци, 46  македонски компании воопшто не исплатиле регрес за годишен одмор до законски предвидениот рокДо „Гласен текстилец“ пристигнале и пријави за уште 16 фирми кои само делумно исплатиле К-15.

Повторно имаме по 500 денари, по 100 денари исплата. Од тие вкупно 62 фирми кои што се пријавени, 46 не исплатиле воопшто. Државен трудов инспекторат ќе отиде, ќе им каже дека треба да исплатат К-15, меѓутоа, колективниот договор дозволува исплата на тие срамни суми од 500, од 100 денари да поминат, па дури и таму каде што има синдикално организирање, рече Ампева.

Таа смета дека постојните законски решенија им  дозволуваат на фирмите, кои ќе прикажат дека работеле со загуба,  да исплаќаат минимални износи. Според неа, решението за да се надминат ваквите манипулации е во новиот Закон за работни односи.

Да се донесе новиот Закон за работни односи и внатре да стои децидно дека К-15 им следува и во јавен и во приватен сектор, да биде определен минималниот износ, за да не се наоѓаме во вакви  ситуации, вели Ампева.

Најголем број од пријавените фирми се од текстилната и кожарската индустрија, но има и приватни здравствени установи, карго услуги, автошколи, фирми кои се занимаваат со угостителски дејности, продавници и казина.

Поврзани новости