ТЕ-ТО со демант до Чулев

by fokus

АД ТЕ-ТО ги демантира наводите на техничкиот министер за внатрешни рботи, Наќе Чулев и тврди дека доставиле целосна документација до сите институции, со која се докажува дека ТЕ-ТО АД работи согласно закон и ниту еден законски пропис не е прекршен.

– Еднострано прикажаните информации од Топлификација АД пред МВР не докажуваат дека во ТЕ-ТО АД има криминал, туку токму напротив, тоа се лаги и манипулации со цел постигнување на незаконски интереси на менаџментот на Топлификација АД. Кривичната пријава дека ТЕ-ТО АД перело пари е отфрлена од Обвинителството за организиран криминал уште во декември 2019 година.Обвинувањето од Топлификација АД за лажен стечај е целосно неиздржано. Постапката за реорганизација на ТЕ-ТО АД е спроведена целосно согласно законските прописи. Тоа е потврдено со решението на Основен суд Скопје 2 Скопје и решението на Апелациониот суд со кои се усвојува планот за реорганизација на компанијата, а во кој процес Топлификација АД ги даде истите забелешки кои ги наведе и во кривичната пријава против ТЕ-ТО АД. Нагласуваме дека целокупната документација поврзана со стечајот и реорганизација на ТЕ-ТО АД ја анализираа врвни експерти од областа на правото кои изработија правно мислење, со кое се потврдува дека ТЕ-ТО АД во целост постапувало согласно закон. Поради тоа, бараме да се престане со злоупотребата на ТЕ-ТО АД во политички цели во предизборен период и да се остават надлежните институции без притисок да ја завршат својата работа, се вели во демантот.

Поврзани новости