Таткото на Заев ја ликвидирал „Зови-промет“, 3 семејни компании се на листата на должници

by Фокус

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, во најновиот анкетен лист пријавил поголем имот во споредба со претходно. Како што пишува неделникот Фокус, станува збор за стан, моторно возило и приход по основ на ликвидација на компанија, во сопственост на членови на семејството на Заев со кои живее во исто домаќинство. Тој вели дека го пријавил имотот на членовите со кои живее во заедница, како што налага Законот, но додава дека не сака и не може да говори за имотот на поширокото семејството, кој, како што вели, во рамки на самото семејство е генерално проценет на 8 и пол милиони евра.

– Поширокото семејство Заеви брои многу членови. Иако јавноста не перципира како едно, сепак, ние функционираме одделно, со посебни буџети. Сепак, компаниите си помагаат кога има потреба, кога треба да се даде заем и слично. Бројката од 8,5 милиони евра е генерална проценка што се направила во рамки на семејството во смисла колку вредат сите компании на пошироката фамилија. Треба да се знае дека не станува збор за 8 милиони евра пари на банкарски сметки, туку за вредност на компаниите. Исто така, мора да се каже дека има на над 4 милиони евра кредити – ни изјави Заев.

Инаку, во неговиот стар анкетен лист од 2017 со кој располагаме година стои дека порано како имот на родители пријавил куќа од 400 квадратни метри во Струмица од 2000 година, земјоделско земјиште од 4 хектари во родното Муртино од 2003 година, како и деловен простор, стан и акции, чија вкупна вредност изнесува над 38 милиони денари или околу 625 илјади евра. Покрај тоа, како личен имот пријавил и побарување по основ на даден заем во 2012 година во износ од 4,3 милиони денари, како и два орочени депозити на име на неговата сопруга и деца од вкупно 2 милиони денари или 34 илјади евра.

Во најновиот анкетен лист што лидерот на СДСМ до поднел до антикорупционерите, пак, наведен е веќе споменатиот имот на име на неговите родители, сопруга и деца, како и побарувањето за дадениот заем пред десетина година. Новина се станот од педесетина квадратни метри на неговата сопруга Зорица Заева од минатата година и моторното возило на неговите деца марка „Мини Чопер“, кои вредат по 900 илјади денари. Исто така, новина се и паричните средства во износ од 6 милиони денари на име на неговите родители, врз основа на ликвидирање на фирма во 2019 година.

Како што рече самиот Заев во едно интервју, ги затвориле маркетите на „Зови-Промет“, бидејќи не ја издржале конкуренцијата го големите ланци маркети. Од податоците што ги обезбедивме од Централниот регистар произлегува дека оваа компанија со дејност трговија на мало во неспецијализирани продавници, во косопственост на неговиот татко Панче Заев, е основана во далечната 1998 година и ликвидирана кон средината на 2018 година. Претходно, според финансиските извештаи, друштвото работело во негатива, која во 2014 година, на пример, изнесувала над 4 милиони денари.

Веќе ликвидираната „Зови-Промет“ беше само една од многуте компании на семејството Заеви. Во таа насока, неговиот брат Вице Заев е сопственик и воедно управител на градежната компанија „Тотал Инжинеринг“, основана во 2009 година, и еден од тројцата косопственици и истовремено управител на „Тотал Електрик“ формирана во 2009 година за трговија со мебел и други предмети за домаќинство. Исто така, братот на премиерот Заев е содружник во уште 3 компании, кои, за разлика од претходните, прикажуваат негативно финансиско салдо и се јавуваат во листата на должници во Управата за јавни приходи.

Една од нив е градежната компанија „Дравас Инженеринг“, која заклучно со август имала вкупен доспеан а неплатен долг од 40 милиони денари, од кои 25 милиони денари се за ДДВ, 14,7 милиони денари за данок на добивка и 279 илјади денари за плати и придонеси.  Другата компанија е „Сара Инженеринг“ со вкупен долг од 33,3 милиони денари, од кои за ДДВ се 13,5 милиони денари, за данок на добивка се 19,7 милиони денари и за плати и придонеси се 78 илјади денари. Третата фирма е „Сара Јавор Инженеринг“, чиј вкупен долг изнесува 15,7 милиони денари, од кои за ДДВ се 13.5 милиони денари и за данок на добивка се 2,1 милиони денари.

Своевремено пишувавме дека братучедите на браќата Заеви – Трајче Заев, Бобан Заев, Катерина Бојовиќ-Заева, имаат уддели во уште неколку компании, меѓу кои „Мамас фоод“, „Фарма Медика Канабис“, „Мам Свети Николе“, „Тргопродукт“, „Пеон“, „Еленица“, „Герас Цунев“… Дел од нив, пак, како што објави опозицијата, поседуваат компании и во соседна Бугарија.  Во однос на прашањето дали поседува имот во странство, Заев тврди дека тој лично нема никаков имот надвор од државата.

– Моите братучеди имаат куќа во Грција, за која пишуваа медиумите, и тоа е точно. Но, таа куќа не е моја, иако некогаш одам на гости. Сите останати написи и тврдења за имот во странство се невистинити – дециден е премиерот и лидер на СДСМ,

Целата сторија за имотната состојба на политичките лидери и нивните семејства прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

Поврзани новости