Таткото на убиената Вања го праша обвинетиот Манев: Зошто, што се случи за да дојде до ова?

by fokus

На денешното судско рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, продолжи сведочењето на обвинетиот Велибор Манев, кој на минатото рочиште, до најситен детал објасни како го грабнале Панче Жежовски, а потоа и девојчето, и како Љупчо Палевски потоа ги убил.

Тој потсети дека грабнувањето било планирано една година претходно. Потоа планот финализирал кога Палевски секоја вечер или секоја втора вечер, им покажувал слики од жртвата која требало да биде киднапирана.

-Палчо сликите ни ги покажуваше од друг телефон, што не го користеше, а и ние не сме комуницирале со него на тој телефон, рече обвинетиот.

Тој појасни дека Палевски одреден период ја следел жената која требало да биде киднапирана, и заклучил дека секој ден излегува во 7.20 минути.

-Имаше 4- 5 фотографии кои ни ги покажуваше. Една беше од жената на влезот од зграда. Втората слика како се движи по тротоар на Партизанска и уште две слики, кои ги направил од паркирано возило, истакна Манев, додавајќи дека жената од сликите воопшто не личела на дете, туку на жена на возраст од 40 години.

Според неговото сведочење, во моментот кога сфатиле дека грабнале погрешна личност, сепак Палевски рекол дека ќе продолжат со планот, ќе го слика девојчето и ќе побара пари од родителите, за кои побарал информации од девојчето. Но, наместо да бара откуп, за кратко ја убил.

На прашањето на адвокатот Владимир Туфегџиќ, зошто не го сликале девојчето и зошто не побарале откуп, обвинетиот рече:

,,Тоа прашање ќе му го поставите на Палчо”.

Таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, имаше едно прашање за обвинетиот Манев.

,,Зошто? Зошто, што се случи за да дојде до ова?, тивко изусти таткото.

Манев одговори дека и ова прашање треба да му се постави на Палевски и тој треба да го даде одговорот.

Судењето е во тек.

Валентина Вурмо

Поврзани новости