Таткото на Саздо: Парите од отштетата ќе ги донираме за оние на кои насилно им бил одземен животот

by fokus

По изрекувањето на пресудата со која Бесир Беља и Скендер Демири добија по 19 години затвор за убиството на Никола Саздовски, неговиот татко рече дека е задоволен од пресудата и изрази надеж дека повисоките судови нема да ја преиналат пресудата.

-За мене лично и 1000 години да беше казната, нема земски суд што може да определи висока казна за ова дело. Не можам да кажам дека не сум задоволен. Во Македонија луѓе зборуваат дека нема никаква правда, од ова видовме дека правдата, како една капка во море, може да биде задоволена. Се надевам дека некој повисок суд нема да ја преиначи казната и ќе остане истата – рече Тони Саздовски.

Тој им порача на осудените и на нивните родители да ја откријат локацијата на третиот осомничен, кој се товари за убиството на Саздо, и изрази уверување дека сигурно знаат кај се наоѓа.

-За Никола повеќе нема враќање. Сите што го знаеја, а го знаеја многу, знаат дека не беше насилник, сакаше да другарува со сите – порача тој.

Саздовски додаде дека средствата од нематеријалната отштета, што ја досуди судот, ќе бидат наменети за хуманитарни цели.

-Доколку некогаш се наплати нематеријалната штета, ќе биде донирана во хуманитарни цели. Пријателите, роднините, братучедите на Саздо организираа минатата година турнир во село Ракотинци. Тој турнир во мал фудбал се надеваме ќе биде традиционален за сеќавање на него и за сите кои насилно им е одземен животот. Парите ќе бидат насочени во таа насока и на оној на кој му е потребна помош – рече тој.

Инаку, судот досуди Бесир Беља да исплати отштета од по 1.200.000 за таткото, мајката, братот, сестрата, а за бабата на Саздовски 600 илјади денари. Исто толку треба да им исплати и Скендер Демири.

Поврзани новости