Таткото на генералниот секретар на НАТО ќе добие улица во Скопје

by fokus

Скопје ќе добие улица која ќе го носи името на норвешкиот политичар и дипломат Торвалд Столтенберг, кој почина на 13 јули на  87-годишна возраст.

Тој во 2008 година беше прогласен за почесен граѓанин на Скопје поради неговиот исклучителен придонес во обновата на нашиот главен град.

На денешната 14. седница со едноминутно молчење членовите на Советот на Град Скопје му одадоа почит на Столтенберг.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов пред почетокот на денешната седница изјави дека Столтенберг во Скопје оставил многу вредни зданија кои, како што рече, се парадигма за неговата хуманитарност и солидарност.

– Во меморијата на граѓаните на градот Скопје останува запаметен неговиот несебичен придонес во изградбата на монтажните куќи во населбата Тафталиџе, Детската болница за белодробни заболувања во Козле, како и по координацијата на хуманитарната помош од Норвешкиот Црвен крст, која се состоела од 2.300 волнени кебиња, 80 килограми антибиотици, 250 пакети за трансфузија на крв и 5.000 пакети прва помош, изјави градоначалникот Шилегов.

Градските власти соопштија дека Столтенберг има исклучителни заслуги за помошта што му ја овозможил на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Тој ја координирал хуманитарната акција на Норвешкиот Црвен крст наменета за Скопје во која за само еден ден по земјотресот, со транспортен авион во Скопје биле испратени волнени ќебиња, антибиотици, пакети за трансфузија на крв, како и 5.000 пакети за прва помош. Столтенберг ја координирал изградбата на детската болница за белодробни заболувања.

Торвалд Столтенберг е татко на актуелниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Поврзани новости