Татко и син од Албанија влегле со 51 килограм марихуана на „Ќафасан“, ги фатиле на излез кај „Богородица“

by fokus

Татко и син од Албанија биле фатени вчера од царинските инспектори на граничниот премин „Богородица“ со вкупно 51 килограм марихуана. Таткото и синот имале намера да ја изнесат дрогата од Македонија и преку Грција да ја внесат и продадат во Турција.

Како што информираа денеска од Царинската управа, дрогата била скриена во дупка под седиштата од автомобилот во кој се превезувале. Марихуаната потекнува од Албанија, а пријавените ја внеле во земјава преку граничниот премин Ќафасан.

Од Управата соопштија дека таткото и синот биле фатени од царинските инспектори, без употреба на кучиња за откривање на дрога.

-На излез од Република Северна Македонија царинските инспектори во патничко моторно возило со албански регистарски таблички пронајдоа 51 килограм опојна дрога марихуана. Возачот и совозачот се татко и син албански државјани, тргнати во правец на Грција – изјавија од Царинската управа.

Од таму додаваат дека дрогата на нарко пазарот во Турција би достигнала цена од 140.000 до 180.000 евра.

Поврзани новости