Тасевски тврди дека началниците на Чулев се срамат од него, тие го обвинија дека лаже

by Фокус

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски денеска ги отфрли обвинувања, кои на негова сметка пред неколку дена ги упати министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој одговорноста за непочитување на мерките за заштита од епидемијата ја насочи кон првиот човек на БЈБ.

Tасевски за НОВАТВ посочи дека Чулев треба да се соочи со изјавите дека полицијата нема да казнува. Воедно, тој истакна дека началниците назначени министерот се срамат од неговите постапки.

-Началниците назначени од него се срамат од своите постапки и се борат со нивниот професионализам од една страна и партискиот притисок од Чулев од друга страна. Зголемувањето на бројот на заболени покажа дека тие партиски мотивирани насоки се одразуваат лошо на сите нас. Колегите се свесни за ова и во периодот кој претстои убеден сум дека ќе го коригираат своето однесување и ќе постапуваат во интерес на граѓаните – вели Тасевски.

Во однос на оваа изјава, реагираа дел од началниците назначени од Чулев. Началникот на СВР Скопје, Ристо Ставревски, во писмена изјава до медиумите напиша дека министерот Чулев дава поддршка за неселективната борба против криминалот, додека директорот Тасевски се занимава со дневна политика.

И началникот на СВР Штип Александар Николов реагира на ист начин, истакнувајќи дека е горд што е дел од тимот кој „ја менува сликата на работењето во Министерството за внатрешни работи“.

Началникот на СВР Струмица, Васил Тодоров, пак, вели дека министерот Чулев досега секогаш се залагал за целосно почитување и спроведување на законот, додека началникот на СВР Охрид, Илија Милески, наводите во изјавата на директорот Тасевски ги нарекува „чисти лаги“.

Поврзани новости