Тарчуловски и Змејковски најверојатно ќе бидат кандидати за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus 12:59
12:59

Јохан Тарчуловски најверојатно ќе биде на добитно место на кандидатските листи за пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, дознава „Фокус“ од извори во партијата. Освен него, на кандидатските листи треба да се најде и името на Борис Змејковски, а според нашите извори актуелниот премиер Емил Димитриев ќе биде на второ место во третата изборна единица.

Се очекува според матичните комитети, Тарчуловски да биде ставен на кандидатската листа во втората изборна единица, додека Змејковски во првата изборна единица.

- Advertisements -

Тарчуловски е единствениот осуден од Македонија за воени злосторства во Хаг за случајот Љуботен, настан од воениот конфликт  во 2001 година, каде што беа убиени неколкумина цивили, а според пресудата од Хашкиот трибунал, акцијата ја планирал и ја спровел токму Тарчуловски. Тој прво беше осуден на 12-годишна затворска казна, која подоцна му беше намалена на осум години, од кои шест години помина во Шевенинген, а останатиот дел го одлежа во германскиот затвор Диез.

По осум години поминати во затвор, во 2013 година се врати дома, а во Скопје беше пречекан како херој. Тарчуловски на аеродромот го пречекаа тогашниот премиер Никола Груевски, највисоките раководители на ВМРО-ДПМНЕ, неговото семејство и илјадници поддржувачи кои во него гледаа вистински патриот, бескомпромисен борец за Македонија.

За само три години, тој успеа да изгради вртоглава кариера, стана организациски секретар во владејачката партија, а за време на локалните избори во 2013 година, неговото име се вртеше и во комбинација за кандидат за градоначалник на Општина Бутел.

Веднаш по враќањето од Хаг, тој експресно почна со полагање испити на Земјоделскиот факултет на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, каде што подоцна и дипломираше. Покрај учеството во партиските активности на ДПМНЕ, тера и успешен бизнис од кој заработува милионски суми.

Од друга страна, Змејковски е македонски политичар, општествен деец и функционер, поранешен пратеник во првиот собраниски состав на македонското Собрание од 1990 година.

Од ВМРО-ДПМНЕ се уште во тајност се држат листите, но како што дознаваме дополнителниот заменик министер за труд и социјала Диме Спасов нема да се најде на кандидатските листи за пратеници.

И.М.

Поврзани новости