Таравари: Се згрозив од тоа што го видов во штипската Клиничка болница

by Fokus

Видов нешто што досега не сум го видел во мојата 20- годишна лекарска пракса. Условите се крајно лоши, не знам дали постои друга болница како штипската со вакви лоши услови за работа, истакна министерот за здравство Арбен Таравари по обиколката на штипската Клиничка болница.

– Се згрозив од тоа што го видов во болницата. Ние како Влада ќе направиме се што можеме, барем да импровизираме, колку толку, условите да бидат пристојни за работа за во наредните две години. Ќе има климатизирање на сите простории, дезинфекција и уредување на старата болничка зграда…Во 2019 година е крајниот рок за довршување и пуштање во употреба на новата зграда на оваа болница – истакна Таравари.

Тој додаде дека за период од четири години од Македонија се иселиле над илјада лекари и најави дека со новите измени во Законот за здравствена заштита веднаш по Нова Година, Владата ќе се обиде да го спречи овој негативен тренд.

– Планираме огромен број на вработувања на лекари, над 400 специјализации се надевам во скорешен период ќе се обидеме да ги мотивираме младите лекари да останат во Македонија. Трошокот за специјализациите ќе биде на товар на нивните матични болници, и планираме на огромен број на дополнителни бесплатни едукации за лекарите, што ќе бидат во странски клиники, со цел со стекнатото искуство откако ќе се вратат да дадат придонес во давање поквалитетни здравствени услуги – изјави Таравари во Штип.

Поврзани новости