Во болниците засега се сместени 39 пациенти, од кои 12 се испишуваат и заминуваат на домашно лекување, информираше утрово министерот за здравство Арбен Таравари. Во странство се лекуваат 115 пациенти, а се очекува денеска еден пациент од Белград да се врати во државата.
„Добрата вест е што денеска се испишуваат 12 пациенти и практично ќе останат 27 пациенти кои се лекуваат во болниците во Скопје. Во странство се лекуваат 115 пациенти. Добра вест е што најверојатно едниот пациент денес се враќа од Белград на понатамошно лекување во Скопје. Пациентот е во добра општа состојба, ќе биде направена тријажа и ќе биде сместен на клиника, рече Таравари.
Тој додаде дека 4-5 пациенти се во посериозна состојба, но лекарите даваат максимум од себе за да помине овој тежок период.
Екипи од Пластична хирургија се во Кочани каде ќе дадат помош за пациентите кои имаат изгореници од прв или втор степен, со цел да не доаѓаат до Скопје.