Таравари поседува стан во Скопје, но го пријавил на име на сопругата

by Фокус

Градоначалникот на Гостивар и генерален секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, поседува стан во Скопје, но тој не пријавил недвижности како личен имот во анкетниот лист, пишува неделникот Фокус.

Според податоците од Катастарот на недвижности, Таравари се јавува како единствен сопственик на стан во скопската населба Тафталиџе, поточно на улицата Прашка, со површина од вкупно 104 квадратни метри (86+14+4).

Но, станбена единица во вакви параметри не може да се најде во анкетниот лист што Таравари го доставил до Антикорупциската комисија како јавен функционер.

Поточно, тој пријавил стан стекнат во 2014 година во вредност од 5,7 милиони денари или над 93 илјади евра, но на име на сопругата и со површина од 94 квадратни метри.

Во изјава за Фокус, Таравари тврди дека не станува збор за два различни стана, од кои едниот не е пријавен, туку дека се работи за еден ист стан.

-Станот од 94 метри квадратни, не знам дали се смета балкон и гаража, е на мое име, ако не грешам од 2015 година. И сигурно е пријавен во анкетниот лист – вели Таравари, кој во однос на прашањето зошто станот го пријавил на име на неговата сопруга вели дека се работи за брачен стан.

Од Антикорупциската комисија, пак, велат дека ќе отворат предмет за да испитаат дали навистина се работи за еден или за два различни стана.

„ДКСК во постапката за проверка на вистинитоста на податоците од анкетниот лист се обраќа за обезбедување податоци до Агенцијата за катастар на недвижности, МВР, УЈП, Централниот регистар, Централен депозитар за хартии од вредност и по потреба до други финансиски институции. Доколку се утврди дека поседува имот кој не е пријавен до ДКСК се поведува прекршочна постапка“, објаснуваат од Комисијата.

Воедно, од таму додаваат дека секој носител на јавна функција од изборот на функцијата потребно е во неговиот анкетен лист да го наведе целиот негов имот и имотот на членовите од неговото семејство кои живеат во иста заедница.

„Доколку лицето Арбен Таравари или членовите од неговото семејство кои живеат во иста заедница се стекнат со имот кој надминува 20 просечни нето плати исплатени во претходниот тримесечен период има обврска да достави Образец за промена на имотна состојба во рок од 30 дена од стекнувањето на имотот со опис на истиот“, истакнуваат од ДКСК.

Целата сторија за имотната состојба на политичките лидери, нивните семејства и нивните најблиски соработници прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

 

Поврзани новости