Тања Царовска: Девојка со глас на ангел

by Фокус 10:54
10:54

Живее на релација Македонија – Британија. Во моментов се подготвува да оди во Париз. Родена е во Ресен каде што ги обликува своите музички корени. Во Македонија најчесто учествуваше на музички фестивали, во светски рамки работи музика за филм. Нејзиниот вокал се слуша на музиката во филмовите „Троја“, „Страдањата на Исус“, „Мајки“. Соработува со извонредни музички имиња, како оскаровците Џејмс Хорнер, Габриел Јаред, Џош Гробан, но и Волфанг Питерсен, Робин Џефри, Дејвид Фостер, Раде Шербеџија, „Фолтин“…Листата е навистина импозантна.

Има и свој влог во добивањето на музичкиот Оскар – статуетката „Греми“ за инструменталниот поп-албум „Импресии“ на Крис Боти во 2012 година, каде што Царовска учествува со песната „Севдах“. Во своето музичко портфолио поседува и сопствен албум – „No Record of Wrong“, а моментално работи на нов. Девојката со одличен глас, Тања Царовска во својот престој во Скопје го вклучи и нашето друштво во прошетката низ Скопје Сити Мол.ФОКУС: Потекнувате од градот на јаболкoто во Македонија. Па, како на пример на своите пријатели во странство им го опишувате своето родно место?

ЦАРОВСКА: Преспа и Ресен не се опишуваат, треба да се видат и доживеат.

- Advertising -

ФОКУС: Ви недостига ли родното место кога не сте таму?

ЦАРОВСКА: Ми недостига детството поминато таму, ми недостигаат и сите мили луѓе што оставиле белег во мојот живот.

ФОКУС: Ја сакате македонската музика. Која е вашата омилена македонска песна?

ЦАРОВСКА: Имаме прекрасни песни, неблагодарно е да изберам само една. Впрочем немам принцип да издвојувам омилени музички дела. Наоѓам посебна убавина во секоја. Единствено би можела да направам колаж од повеќе песни што ги сакам, затоа што типичните македонски фолклорни песни често се состојат од една мелодиска строфа, која се повторува со различен текст, што знае да биде монотоно.ФОКУС: Постои ли нешто што успеавте да го совладате како тактика за усовршување на вашиот вокал, токму благодарение на македонската музика?

ЦАРОВСКА: Македонија културно се наоѓа точно на границата меѓу Истокот и Западот. Како никој друг народ можеме да преминеме и на едната и на другата страна. Тоа е нашата предност и треба да ја истакнеме.

ФОКУС: Која е всушност Тања? Каква е како личност надвор од сопствените професионални ангажмани?

ЦАРОВСКА: Не е лесно да се опишувам себеси, но знам дека секој нареден ден се обидувам да бидам подобра личност, која е во хармонија со себе и со околината.Нашата прошетка во Скопје Сити Мол ја зачинивме со убаво македонско кафе во новиот ресторан во трговскиот центар –„Чаптер“. Убавата атмосфера на ова интересно место ни даде дополнителна енергија да продолжиме со прошетката.

Вокалот на Царовска се слуша на музиката во филмовите „Троја“, „Страдањата на Исус“, „Мајки“. Соработува со извонредни музички имиња, како оскаровците Џејмс Хорнер, Габриел Јаред, Џош Гробан, но и Волфанг Питерсен, Робин Џефри, Дејвид Фостер, Раде Шербеџија, „Фолтин“… Листата е навистина импозантна.ФОКУС: Вашиот сопруг е човек, кој е дел од филмскиот свет. Но, дали тој беше пресуден за вашето зачекорување во светот на филмот, како личност чиј вокал го слушаме на многу филмски музички парчиња?

ЦАРОВСКА: Габриел и јас се запознавме на снимање во Аби Роуд на нашата прва соработка на „Троја“. Претходно, јас работев на многу други големи проекти, во кои спаѓа и соработката со Џон Дебни и Мел Гибсон на филмот „Страдание“(Passion of the Christ).ФОКУС: Поинтересно ли е да се прави филмска музика од класичната поп музичка сцена?

ЦАРОВСКА: Интересно е да се прави добра музика или да се настојува на тоа, без разлика за што е наменета.

ФОКУС: Имавте можност да соработувате со извонредниот Џош Гробан. Каков е тој, имавте ли шанса да се дружите во текот на вашата соработка?

ЦАРОВСКА: Со Џош Гробан снимавме во различен ден, па не се ни запознавме.

ФОКУС: Кога сме кај соработките, во вашиот список е и Раде Шербеџија. Што научивте од него?

ЦАРОВСКА: Научив дека сцената е прекрасно место за чаша вино, дружење и музика, наместо за трема и тензија.Од 18 до 24 септември во киното „Синеплекс“ во Скопје Сити Мол, за првпат ќе биде прикажана ФИЛМОМАНИЈА. Во текот на седумте дена, филмските сладокусци ќе можат да уживаат во вкупно 14 филмски наслови, наградени филмови од светските филмски фестивали.

Посетителите на „Синеплекс“ ќе имаат можност да ги погледнат филмските остварувања, кои своите премиери ги имале на познатите филмски фестивали во Токио, Њујорк, Лондон, Венеција, Берлин и во Кан. „Филмоманија“, оваа година ја носи и прочуената драма „Облаците над Силс Марија“, во која главните улоги ги толкуваат оскаровката Жулиет Бинош и ѕвездата од „Самрак“, Кристен Стјуарт.

Тања во хороскоп е Риби. За нив, астролозите истакнуваат дека се поприлично сензибилни, но и затворени ликови, кои сакаат да бидат опкружени со вода.ФОКУС: Колку една астролошка припадничка на знакот Риби, може да се адаптира во дождливиот Лондон?

ЦАРОВСКА: Иако сивилото и дождот знаат долго да се задржат, тие се истовремено и заштитен знак на Англија, која со нив има посебна привлечност и е неверојатно зелена. Не би можела да го замислам дејствието на Оркански Висови во сончевата Шпанија.

ФОКУС: Кое е вашето омилено место во Лондон, каде што вообичаено ги полните батериите?

ЦАРОВСКА: Ритчето Хампстед Хит и Ричмонд парк се најблиску што може да дојдете до дива природа, а тоа е она што најмногу ми треба кога сум презаситена од постојаната бучава и движење на градот.

ФОКУС: Секој музичар што сака да постигне успех, треба да има цел да стигне барем еднаш до Греми. Па, еве како личност што стасала до парче од највпечатливото музичко признание, каде сега ја насочувате вашата визија за иднината? Што да биде следно?

ЦАРОВСКА: Прекумерната амбициозност ми е прилично туѓа работа, не ми е ни важно што е следно, важно е да биде добро и луѓето да најдат некое задоволство во тоа што го правам, како што јас наоѓам среќа и задоволство во нечија друга музика… Важно е да има циркулација…ФОКУС: На што работите во моментов?

ЦАРОВСКА: На нов албум. Во исто време настапувам и со ансамблот на англиската музичарка и композиторка Џослин Пук…

ФОКУС: Лондон и воопшто Британија важат за насочувачи на светската музичка индустрија. Колку тоа дополнително ја поттикнува вашата креативност?

ЦАРОВСКА: Лондон е многу инспиративно место, но метропола со таа големина и популација несомнено ви дава и ви цеди енергија во еднаква мера. Оној вишок на време што ви е потребен за творештво, често изостанува. Потребна е голема организација, речиси ништо не се случува спонтано. Балансирањето на Лондон и Македонија совршено ми одговара.

ФОКУС: За кого потајно посакувате да компонирате музика?

ЦАРОВСКА: За Леонард Коен.Во текот на нашата прошетка низ Скопје Сити Мол забележавме и убава кампања на најновиот парфем од Пако Рабан – „Lady Million Eau My Gold“.

ФОКУС: Каква е Тања како мајка?

ЦАРОВСКА: Се трудам да сум родител, кој наместо строго да наредува наоколу, го надгледува своето дете, оставајќи го само да ги почувствува последиците на своите постапки. Најстрашнo е кога детето чувствува страв од својот родител, тоа носи многу проблеми и неискрености.

Се трудам да бидам најдобра што можам, се разбира. Му посветувам доволно од своето време на мајчинството, но се трудам да не ги занемарам и личните потреби, со што родителството би преминало во жртвување, а со тоа и во место на незадоволство и фрустрација. Сметам дека детето е среќно и исполнето ако родителот му изгледа баш така – опуштен, среќен и исполнет. Важно ми е ќерка ми да знае дека ќе бидам среќна со сето она што неа ја исполнува.

ФОКУС: Кои се насоките што ѝ ги посочувате на вашата ќеркичка?

ЦАРОВСКА: Ја учам да живее со висока свест за околината и за луѓето околу себе, да ужива во секој момент, да слуша добра музика, да не се грижи отповеќе, освен за она што е во моментот најпотребно, да спортува во секоја пригода, да си посветува внимание на себеси, својата исхрана и на своето здравје.ФОКУС: Што ви недостасува од Македонија кога сте во Лондон?

ЦАРОВСКА: Мирисот на печени пиперки во есен, богатите македонски пазарчиња, вкусот на јогуртот, планините…

ФОКУС: За крај, кој е вашиот омилен македонски филм?

ЦАРОВСКА: Не би можела да издвојам еден, но тоа сигурно би било двоумење меѓу филм на Милчо Манчевски и Столе Попов, кои се подеднакво интересни како режисери, а, сепак, се толку различни.

Поврзани новости