Тања Кокев: Дамата што ја менува модата во Македонија!

by Фокус 09:24
09:24

City MallСензуална и романтична, барем така за неа зборуваат нејзините парчиња облека. Од карактеристиките на астролошкиот знак на кој припаѓа, поседува одлични организациски способности со одлична перцепција за деталите, надополнета со уметничката душа желна за создавање убавини. Неодамна ја претстави својата колекција, а следната година во мај одбележува еден  убав професионален јубилеј – 10 години Кокев во Македонија. Ако не беше креатор, ќе беше сопственик на ресторан Кокичка. Тања Кокев денес ни правеше друштво во Скопје Сити Мол.kokev 06ФОКУС: Астролозите, родените во знакот Риби ги карактеризираат како идеалисти. Според нив, едната риба ја симболизира реалноста, а другата мечтите. Но, Рибите поседуваат и силно развиена интуиција и секогаш знаат што се случува околу нив. Еден дел од нив секогаш сака да „исплива“ и да избега од реалноста. Колку Вие во себе препознавате некои вакви карактеристики, како астролошки припадник на овој знак?

КОКЕВ: Ах, што да кажам, а да не излажам￿. Рибите се многу комплексен карактер. Сите мислат дека некако лутаме, а и самите оставаме таков да биде впечатокот за нас. Но, сепак, се движиме по некоја релативно прецизна маршрута, не толку како добро размислена идеја, повеќе како некој предизвик што сакаме да го освоиме. Помалку лутаме, но секогаш стигнуваме до целта. Моја среќа е што подзнакот ми е Скорпија, па кога Рибата ќе залута, Скорпијата ме враќа таму каде што треба.

- Advertisements -

ФОКУС: За Вас слободно може да се каже дека сакате да испливате од модната реалност во Македонија. Имате различен концепт на свое претставување. Сакате ли на тој начин да сугерирате дека вашата модна порака треба да биде комплетна или можеби сакате да придонесете за развој на модата кај нас?

КОКЕВ: И едното, и другото. Не сакам половични нешта. Не сакам импровизации. Кога правам нешто, или ќе биде перфектно, или воопшто не го правам. Секогаш не се водам од условите што ми се нудат, се водам од својата замисла. Многупати сум се соочила со коментарот од типот – нема логика да се прави нешто во оваа држава, зошто вложуваш и слично… Не дека не сум свесна за тоа, можеби не е сѐ најидеално, но едноставно, ако ја прифатам нивната логика, ќе треба да се откажам од својата идеја и да се приклучам кон групата што постојано се жали и кука. Не се наоѓам во таа група. Едноставно сакам да работам, а доколку тоа придонесе за модата во Македонија, ќе бидам пресреќна.

ФОКУС: На некој начин, израснавте во работилницата на Вашата мајка. Дали тоа беше пресудно за Вашата професионална одлука?

КОКЕВ: Не сум најсигурна, но секако дека имаше големо влијание. Сепак, дефинитивната одлука за тоа се случи неколку години подоцна. Едно време се најдов во погрешен бизнис за мене, бизнис во кој толку се оддалечив од себеси. Па, кога ќе се најдете во  таква ситуација, која ве прави несреќни, веднаш помислувате на спротивното, што е тоа што ќе ве направи среќни.  Ете, тогаш се случи одлуката да го работам тоа што го сакам цел живот.

ФОКУС: Сте помислиле ли понекогаш, што ќе беше Тања, доколку не се занимаваше со мода?

КОКЕВ: Точно знам што ќе бев. Ќе имав свој ресторан, ќе измислував нови јадења, ќе уживав во набавка на свежи продукти секој ден. Ќе ги пречекував гостите, а ресторанот ќе се викаше Кокичка. Можеби еден ден и ќе ми се оствари оваа желба.kokev 01Додека тајно ја надградува својата желба за угостителство, во реалноста во Скопје Сити Мол уживавме во убавите задоволства на ресторанот „Венето“. Астролозите родените во знакот на Риби ги опишуваат како интуитивни и секогаш со блажена насмевка. Таква беше и Тања во нашето дружење во Скопје Сити Мол.

kokev 09ФОКУС: Во вашите парчиња се насетува вашата креативност, секогаш надополнета со сензибилност и со многу женственост. Последната колекција ја збогативте со ваша линија чевли. Во вашата кампања, пак, внесовте и машки лик. Дали ова значи дека можеби тоа треба да го очекуваме како следно, Кокев за посилниот пол?

КОКЕВ: Секако. Сѐ повеќе ме интересира и машката мода, посебно во овој период кога светските модни дизајнери се обидуваат да бидат малку похрабри во креирањето машка мода. Но, полека и јас имам потреба од малку одмор од и стабилизирање од сите новитети.

ФОКУС: Венчаници, коктел-фустани… Вашата последна колекција ја менува насоката. Наменета е за секој ден. Што беше пресудно за ваквиот чекор?

КОКЕВ: Желбата да се изгради сериозен бренд и сериозна модна куќа. Ателјето е едно интимно место каде што се создава магија, се исполнуваат желбите на клиентките што си го нарачале својот фустан. Сѐ е некако интимно и романтично. Затоа имав потреба да се проширам, и покрај ателјето, да почнам да креирам и нешто што ќе биде готов производ, подготвен за продажба веднаш. Нешто попрактично, нешто секојдневно и достапно за сите на кои им се допаѓа стилот Кокев.kokev 05ФОКУС: Вашиот моден бренд – Кокев одбележа еден убав јубилеј. На што најмногу се сеќавате низ овие десет години?

КОКЕВ: Уште малку од одбележувањето на јубилејот. Следната година во месец мај. Чудно, а можеби и не, но се сеќавам на речиси сѐ. Од малото дуќанче од 20 квадратни метри во населбата Аеродром, до сите преселби, реновирања, до местото каде што сега се пронајдов најмногу, ГТЦ. Многу убави моменти, постепено запознавање со моите вработени, а веќе по 10 години минати заедно, ги чувствувам како мое семејство и знам дека и тие го чувствуваат истото.

ФОКУС: Работејќи по рецептот на светските модни креатори, лансиравте парфем. Засега сте единствената креаторка во Македонија што го направи тоа. Колку сте задоволни, како беше прифатен овој продукт на нашиот пазар?

КОКЕВ: Многу сум задоволна. Заедно со мојата парфимистка Марија Аслимоска направивме преубава формула, нежна, романтична, со блага и свежа нота од рози и од мандарини. Имав феноменално заштитно лице, преубавата Јелена Јованова, и едноставно нема простор да бидам незадоволна.kokev 10ФОКУС: Постојат ли личности во Македонија, за кои можеме да кажеме дека имаат свој моден идентитет? Имаме ли ние модна сцена?

КОКЕВ: Секако дека има и модни ликови и модна сцена, но сите знаеме дека бројката е мала. Квалитет има, и покрај тоа што сѐ е во некаков зародиш. Постојат неколку дизајнери во Македонија што работат квалитетно, имаат свој стил и она што е најважно, имаат свои клиенти.

ФОКУС: Кого го доживувате како светска стилска икона?

КОКЕВ: Џеки Оназис, Грејс Кели, Лорен Хатон…

ФОКУС: Како ќе го дефинирате вашиот личен моден стил? Што е најдоминантно во вашиот личен плакар?

КОКЕВ: Многу едноставен, малку романтичен.kokev 02Тања има малку слободно време, па затоа го користи на вистинскиот начин. Токму поради тоа одлучивме да избереме нешто што ќе може да го употреби секогаш кога ќе најде малку простор во нејзиниот распоред. Задоволството го побаравме на богатите полици во книжарницата „Икона“.

ФОКУС: Вашата ќеркичка беше препознатливо парче од Вашиот моден мозаик. Колку таа ја сака модата? Се препознавате ли себеси кај неа?

КОКЕВ: Таа е многу своја, јас само дадов една правилна насока, која таа си ја надградува со сопствени идеи и реализации. Нејзиниот стил е многу едноставен, но, сепак, е похрабра од мама. Таа е голем вљубеник во модата, но ќе видиме.

ФОКУС: Сакате спорт и често практикувате. Овие денови беше актуелен тенисот, кој како спорт и Вие го сакате и често го практикувате. Ова е еден од спортовите каде што модата добива посебно внимание. Дали ги следите тениските натпревари?

КОКЕВ: Тој е и единствениот спорт што го сакам. Сакам да следам натпревари и да играм, секако многу аматерски, за разлика од ќерка ми. Ги следам сите турнири, без исклучок, а за возбудата да биде поголема, следната година планираме да одиме и да ги следиме во живо Ролан Гарос и турнирот во Монако.kokev 11ФОКУС: Кој е вашиот идеален партнер за тенис?

КОКЕВ: Би сакала ќерка ми, но таа е веќе многу добра за да игра со мама.

ФОКУС: Како Вие ја доживувате љубовта?

КОКЕВ: Понекогаш како епопеја, понекогаш како одисеја.

ФОКУС: Која е вашата муза? Што Ве инспирира најмногу?

КОКЕВ: Инспирации има многу. Таква е природата на луѓето, да трагаме, а ретко да сме задоволни. Токму поради тоа најчесто многу време губиме во барањето инспирации и слично, а помалку во нивната реализација. Тука сум малку попрактична. Знам од каде да црпам, од уметноста низ вековите, па така имам повеќе време за разработка на инспирацијата.

ФОКУС:  Како изгледаат деновите на Тања кога не е професионално ангажирана?

КОКЕВ: Дома во кујна, на кафе со другарките, со Клара на тенис, на ручек кај родителите.kokev 03Модата е непресушна. Постојано има нови насоки. Ова лесно можевме да го забележиме од секој агол, од секој излог во Скопје Сити Мол, додека љубопитно ја испитувавме секоја понуда.

ФОКУС: Велат дека Французинките се дами со стил, Италијанките внесуваат сензуалност во својата облека, Германките ги карактеризираат како лошо облечени, како дами кај кои најчесто недостасува стилот. Дали вие се согласувате со ова и како ќе ги дефинирате Македонките?

КОКЕВ: Никогаш не сум за колективно карактеризирање на луѓето. Секој е своја индивидуа со стил и идентитет, но, ете, генерално се согласувам. А, Македонките, ги има и од Французинките и од Италијанките и од Германките. Како што посочив, не е голем бројот на модно изградени.

ФОКУС: Каква е модата надвор од земјава, посебно на местата каде што Вие сте присутни како бренд? Како Ве прифаќаат таму?

КОКЕВ: Модата надвор од земјава е сосема друга приказна, не затоа што има навистина добри дизајнери. Па, и тука во Македонија имаме добри дизајнери. Приказната надвор е различна затоа што во нивна заднина е цел еден тим, една сосема поинаква приказна и начин на работа. За жал, Кокев сѐ уште не е присутен на пазарот надвор. Имав договор за продажба во Дубаи две години, соработката беше добра, но, за жал, девојките што го водеа бизнисот го раскинаа своето партнерство и фирмата, со што соработката заврши. Во иднина, Белград е првата станица каде што ќе се продава Кокев.

ФОКУС: За крај, Кокев од октомври во Белград. Какви се вашите очекувања?

КОКЕВ: Мое е да работам и да креирам, да смислам добар маркетинг, па ќе видиме што ќе каже белградската публика.kokev 04На Кокев ѝ посакуваме многу успех во Белград. Во меѓувреме, вие подгответе се за серија изненадувања во месец октомври во Скопје Сити Мол. Ќе почнат со САРС на 3 октомври, а потоа…

Поврзани новости