Тамара во полуфиналето освои нешто повеќе гласови од публиката

by fokus

Претставничката на Македонија на овогодишното издание на Евровизија, Тамара Тодевска, се пласираше на осмото место, што е највисок пласман на земјава до сега. Тамара долго време водеше додека се соопштуваа резултатите од жирито, но работите се променија откако се вброија и гласовите од публиката.

За изненадување беше што од публиката Македонија доби само 58 поени, додека имаше земји кои добија над 200 поени од гласачите. За споредба, пак, во полуфиналето песната на Тамара доби нешто повеќе гласови од публиката, односно 84.

Сепак и оваа бројка не би била доволна за да се надминат победниците. Наспроти Македонија која освои вкупно 295 поени, победникот Холандија доби 492. Шведска, пак, која долго време се бореше со Македонија за првото место, освои 332 поени, Норвешка 338, Италија 465, Русија 369, а Швајцарија 360.

Она што до сега не беше познато е гласањето во полуфиналето, бидејќи резултатите се објавуваат по завршување на манифестацијата. Според официјалната веб страна на Евровизија Тел Авив, во втората полуфинална вечер од жирото Тамара добила по 12 поени од Хрватска, Германија, Велика Британија и Албанија. По 10 поени сме добиле од Азербеџан, Молдавија, Русија, Романија и Данска, додека по 8 од Ерменија, Австрија и Швајцарија.

Додека од публиката 12 поени имаме повторно од Хрватска, 8 поени сме добиле од гласачите во Албанија, а 7 од гласачите во Швајцарија и во Азербеџан. И во полуфиналето Тамара добила повеќе гласови од жирото отколку од публиката, односно 155 наспроти 84.

Во финалето, пак, Тамара доби 237 поени од жирито, додека 58 поени од публиката.

Поврзани новости