Талески даваше отчет, од притвор работел посветено на партијата

by fokus

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески по повод 4ти Ноември роденденот на градот, денеска даваше отчет за сработеното од минатиот ноември до сега.

Иако цели три месеци беше во притвор, Талески самоуверено зборуваше и убедуваше дека листата со проекти кои што ги изработиле годинава биле многу долга.

На пресот тој се пофали дека бројот на невработени се намалил за 10.000, дека асфалтирале 100 улици во Битола и дека во завршна фаза е киното „Манаки“.

Талески не кажа ни збор за истрагите на СЈО, блокираните сметки на школите и тендерот за бесплатен школски превоз кој доцни.

Иако мандатот му истекува напролет, Талески крајот од пресконференцијата го остави за да ги најави наредните проекти на неговата партија предвидени за градот. Тој рече дека за наредната година ќе се заврши топлификацијата на Битола, исто како и гасификацијата.  Најави и дека Општината ќе ја гради северната трибина од стадионот „Под Тумбе кафе“, но дека се доцни со рушењето  зашто не е најдено решение каде да се преместат соблекувалните. Напомена дека уредувале и училишни дворови, дека ќе постават споменик на Александар Турунџев  и дека спремаат нов кружен тек во градот.

Инаку, градоначалникот беше три месеци во притвор за случајот „Транспортер” во кој се сомничи дека преку коруптивни тендери со школскиот превоз ја оштетил општината за 360 000 евра.

Поврзани новости