Тајзи, музичар што ја обележа годината: Сакам кај нас азил да побара Меркел, а и Путин да му намигне на …

by fokus
Драган Величковски – Тајзи, од Куманово е реге пејачот чии хитови го обележаа естрадното небо годинава. Момчето кое својата кариера ја почна како дел од дуото Скипи и Тајзи во 2010 година, денес е еден од најпопуларните пејачи во земјава, на чии што настапи може да се забележи публика од сите генерации. Го сакаат и деца и повозрасни, а тој мотивиран од поддршката што ја добива, работи со полна пареа. Годинава ги промовираше песните ,,Палимо’’ и ,,Вози’’ во дует со Спејко, и ,,Афтер’’ и синглот ,,Револуција’’ кои заедно имаат милиони прегледи на музичките интернет канали.
И додека првите три се песни наменети за добро расположение, ,,Револуција’’ носи моќна порака за иронијата на општеството во кое што живееме:

,,Мајка те раѓа да направиш нешто, светот не е ваков од злобни, туку од добри луѓе што молчат, за револуција на свеста, сместа. Уште колку деца треба да се убијат, уште колку мајки ќе бидат во црнила, за да можат сите глави да се разбудат. Не направија поефтини од хартија, да не поделат измислија религија, Да не скараат и Бог го искористија’’,- се само дел од стиховите на ,,Револуција’’.

Веднаш откако ,,Револуција’’ беше пуштена во етерот, го запрашавме кумановецот за негово мислење за политичката криза во земјава:

,,Не сакам да зборам за политика. Тоа што имам да го кажам, го кажувам со песните, а наскоро и со албумот на кој професионално се работи веќе подолг период’’, ни изјави Тајзи.

Тој вели дека активно работи на новиот албум, кој што ќе биде промовиран во новата година.

,,Внимателно ги избирам песните кои треба да се најдат на мојот нов албум. Опкружен сум со професионалци, се трудам да и го дадам максимумот на мојата публика. Покрај ,,Револуција’’ ќе има уште неколку песни во сличен стил, затоа што иронијата за која што пејам не се однесува само на нашето општество, туку е на светско ниво. Задоволен сум од 2016 година, која што ми мина со многу настапи низ целата земја, со нови песни и проекти. Се надевам дека и наредната ќе ми биде исто успешна, со нов албум и голем солистички концерт’’, вели Тајзи, кој пред две години го имаше својот прв солистички концерт во Универзална сала и успеа да ја наполни до последно место.

По потекло од скромно кумановско семејство, младиот музичар вели дека за успех е доволно талент и многу работа, во шоу бизнисот врските и добростоечки семејства и роднини, не можат да донесат успех на долги патеки. Додава дека секој чекор од патот го минал сам, и горд е на постигнатото.


,,Кога се новогодишните желби во прашање, посакувам секако здравје, љубов, мир. Тоа е најважно во животот. Посакувам конечно во Новата година да се реши проблемот со забраната за емитување на наша музика, бидејќи имаме многу квалитетни песни и автори кои останаа без можност за промоција на својата работа и труд. Да ми биде плодна 2017 исто како и 2016, а за читателите на ,,Фокус’’ ќе откријам дел од стиховите од новата песна ,,Сакам’’ која ќе биде пуштена во етер наредната година.Тие зборови се моја најголема новогодишна желба’’ , вели Тајзи.
 

,,Сакам да престане труење со турските серии и турбофолк. Сакам да престане пцуење по се што е наше и е успешно. Сакам со Ципрас да седнам на стол, не излез од криза на аеродром. И денот кога ќе заминам јас сакам да знаете дишев за вас. Сакам слобода на говор, а не ланци. Но, соживот е тежок збор за Индијанци. Сакам кај нас азил да побара Меркел. Сакам и Путин да му намигне на … Сакам да гледам свет без омраза маски и беда, како на ТВ, среќни, криза да нема. Симни се Боже сега, од било кога повеќе требаш’’, се стиховите од песната ,,Сакам’’.

Вики Клинчарова

Поврзани новости