Тајландски министер сака да ги протера странците кои не носат маски

by Fokus

Тајландскиот министер за здравство изјави дека сите странци кои одбиваат да носат маска против ширење на коронавирусот треба да бидат „исфрлени од земјата“.

– Тие странски туристи – тоа треба да им се каже на амбасадите и на тајландскиот народ – одбиваат да носат маски, рече Анутин Чарнвиракул откако делеше маски на улица во Бангкок.

– Кога им даваме маски, не ги земаат. Со таквото однесување, тие треба да бидат исфрлени од Тајланд, рече тој.

Анутин Чарнвиракул

– Воопшто не покажуваат дека се загрижени за ситуацијата. Кинескиот народ, Азијците – сите ги прифаќаат поделените маски за лице. Но, Европејците – тие се неверојатни. Како знаат дека тие не го шират вирусот, додаде министерот за здравство.

Анутин подоцна се извини на Фејсбук.

– Жал ми е што денеска изгубив трпение со некои странци од Европа, кои одбија да носат маски. Тие не соработуваат со тоа што не ги носат, додека ние работиме на тоа да го спречиме ширењето на коронавирусот во Тајланд, напиша тој.

Тајландските власти повторно истакнаа дека хируршките маски се ефикасна мерка за спречување на ширењето на коронавирусот.

Поврзани новости