Жителите на Тафталиџе вечерва во 19 часот ќе се соберат на „Први тафталиџански комшиски муабети“, што всушност ќе биде средба на која главна тема ќе биде заштита на паркот на улица Букурешка.
-После повеќенеделното макотрпно бранење на паркот решивме овојпат да одржиме настан кој ќе го покаже Тафталиџе 1 во својот полн потенцијал и ќе го поттикне маалското живеење и интеракција кои ни се потребни за да го зачуваме јавниот интерес на населбата. Програмата се состои од музички дел за кој ќе се грижат нашите ценети комшии Бета хаус и диџеј Ири Скреч. Ќе се одржи трибина ’Маалски муабети’ на која соседите ќе можат да ги искажат проблемите и предлозите за унапредување на урбаното живеење во нашата населба. Ќе завршиме со изложба ’Тафталиџе низ генерациите’ на која ќе бидат претставени фотографии од настанувањето на населбата па се до денес. На настанот ќе бидат соопштени и следните чекори на иницијативата „Зелено Тафталиџе“ за зачувување на паркот, информираа организаторите.