Тачи: Ги разбирам граѓаните кои му го блокираа патот на Вучиќ

by fokus

Косовскиот претседател Хашим Тачи изрази денес разбирање за „оправданата акција“ на ветераните на УЧК против посетата на претседателот на Србија Александар Вучиќ на селото Бање, и порача дека го разбира и разочарувањето на Србите поради тоа што Вучиќ беше оневозможен да ги посети.

„Како претседател на Косово ја разбирам реакцијата на граѓаните на Дреница кои изразија оправдан револт против посетата. Ова покажува дека болката и воените рани се сѐ уште свежи. Меѓутоа, кога се трудиме околу мирот и помирувањето, протестите и блокирањето патишта воопшто не помагаат“, напиша Тачи на Фејсбук и додаде дека затоа го разбира и разочарувањето на Србите во селото Бање за тоа што Вучиќ беше спречен да ги посети.

„Сите мора да се однесуваме и да покажуваме човечка култура, човечко разбирање и комуникација“, наведе Тачи.

Тој истовремено ја поздрави одлуката на косовската влада да се откаже посетата на Вучиќ на Бање.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај претходно соопшти дека поради новите околности и безбедноста на граѓаните и српската делегација владата решила да ја откаже посетата на Вучиќ на областа Дреница.

Вучиќ сепак се обиде да стигне до Бање, но откако косовската полиција го сопре се врати кон Косовска Митровица.

Поврзани новости