Светска банка: Северна Македонија се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении

by fokus

Светска банка во последниот извештај предвидува земјава годинава да ја заврши со пад на БДП од 4,1 отсто, а за наредната и за 2022 година раст од 3,6, односно 3,5 отсто.

Ова беше соопштено денеска на онлајн презентацијата на Редовниот економски извештај за Западен Балкан бр. 18 .

-Ковид-19 пандемијата силно ја погоди Северна Македонија, со ограничување на движењето, нарушени синџири на снабдување и продолжена неповолна епидемиолошка состојба, кои влијаат на веќе и онака неповолните економски изгледи во земјата. Како резултат на тоа, земјата се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата, па економската активност се предвидува да се намали за 4,1 процент во 2020 година, истакна Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во земјава на презентацијата на извештајот.

Според извештајот, Северна Македонија не е единствената земја погодена, сите држави од Западен Балкан се соочуваат со рецесија, па регионалниот раст се предвидува да се намали за 4,8 проценти во 2020 година, што е за 1,7 процентни поени пониско од априлската проекција. Вториот, посилен бран на пандемијата што почна во средината на јуни, го забави закрепнувањето во регионот. Ограничувањата на патувањата и мерките за социјално дистанцирање, исто така придонесоа за намалувањето на растот во оние земји што се повеќе зависни од туризмот, стои во извештајот.

Во регионот најголем пад се предвидува во Црна Гора од 12,4 отсто, Косово 8,8 отсто, Албанија 8,4 отсто, Бих 3,2 отсто и Србија 3 отсто. За сите земји следната година е предвиден раст и тоа 6,9 отсто за Црна Гора, пет отсто за Албанија, 3,7 отсто за Косово, три отсто за БиХ и 2,9 отсто за Србија.

Сметаат дека иако со поддршка на Владата, Северна Македонија го ублажи влијанието од кризата врз пазарот на труд, стапката на невработеност се зголеми на 16,7 проценти, првпат од 2011 година, бидејќи во вториот квартал од годината 17 690 лица ги загубија своите работни места. Програмите за поддршка на Владата, исто така, помогнаа во ублажување на влијанието врз работниците и фирмите, но фискалниот простор се стесни бидејќи долгот надмина 60 проценти од БДП. Бидејќи крајот на економската криза е несигурен, наведуваат во извештајот, притисоците врз пазарот на трудот и врз приходите веројатно ќе продолжат уште неколку месеци.

Од Светска банка сметаат дека доколку има порестриктивни мерки тие нема да имаат толкаво влијание како на почетокот на кризата.

-Доколку би имало нови рестриктивни мерки наша претпоставка е дека шокот врз потрошувачите и фирмите би бил помал, бидејќи во изминатите месеци имаа време да се присппособат и вкупниот ефект би бил помал од оној во април и мај, рече Бојан Шимбов од Светска банка.

Потенцираат дека приватниот сектор во периодот што ќе следува откако би завршила кризата, треба да се насочи на дигитализација и иновации.

Поврзани новости