Сведоштво за Фокус: Автобус на „Дурмо“ продолжи да вози со пукната гума!

Одеднаш се слушна силен звук, автобусот за кратко изгуби контрола, вели еден од патниците, додавајќи дека возачот продолжил да вози дури и откако било утврдено дека е пукната гумата.

by Фокус 22:03
22:03

Автобус на компанијата „Дурмо Турс“ денес наутро морал да го прекине патот од Скопје кон Гостивар, откако му пукнала гума. Еден од дванаесетмината патници во автобусот за Фокус сведочи дека инцидентот поминал без повредени, меѓутоа, како што истакнува, патниците претрпеле голем страв.

-Јас не се возам секојдневно со тој превозник, ама сепак патувам доволно долго време за да можам да забележам дека утрово тоа не беше автобус кој вообичаено го пуштаат за таа превозна линија. Тргна како и обично во 8 часот наутро од автобуската станица во Скопје. Внатре имаше околу 12 патници, заедно со шоферот и кондуктерот – вели нашата соговорничка – 31-годишната Д.С.

Таа додава дека чудно и паднало кога шоферот по првата наплатна патарина го застанал автобусот и излегол надвор. Иако, според неа, тој најверојатно приметил дека нешто не е во ред, сепак, по околу 5 минути се вратил и продолжи да возил.

-За кратко, во возилото се рашири миризба на нешто запалено, буквално како нешто да гори. По околу 10 до 15 минути возење, се слушна силен звук на пукање, автобусот се наслони на едната страна и за кратко изгуби контрола. Во моментот бев толку исплашена и не знаев што се случува бидејќи се беше многу брзо и неочекувано – сведочи патничка. 

Потоа, според неа, возачот застанал и излегол повторно да провери што e проблемот. И откако било утврдено дека е пукната гумата, посочува нашата соговорничка, возачот продолжил да вози во таква состојба до следната наплатна патарина.

-Таму ни соопштија дека ќе не преземе друг автобус. Чувствував страв и вознемиреност, а истовремено бев и лута, зашто во моментот прашањето кое ми помина низ глава беше дали им требаат повеќе жртви за да има судска разрешница за претходниот случај? – порачува таа.

Инаку, 16 луѓе ги изгубија своите животи во 2019 година кога автобус на „Дурмо Турс“ излета од патот на истата релација, за што се води и судски процес, кој се уште е во тек. Се обративме до компанијата во врска со денешниот инцидент, но досега не добивме одговори.

В.С.

Поврзани новости