Сведоштво на повреден во автобуската несреќа: Се случи многу брзо, додека се освестиме веќе бевме превртени

by fokus

Еден од повредените во вчерашната автобуска несреќа, во која бројот на загинати се искачи на 14, за медиумите раскажа како се случила сообраќајката. Причините се уште не се утврдени, а патникот вели дека се се случило во рамки на еден миг.

-Искрено да ви кажам многу брзо се случи се, наеднаш како да изгуби контрола автобусот, од едната лента во другата и паднавме долу, тоа траеше неколку секунди. Додека се освестиме веќе бевме превртени, во многу лоша состојба се сите. Полн беше автобусот, од работа доаѓавме, тоа е најфреквентната линија, до последно место беше полн автобусот – сведочи повредениот во изјава за ТВ Клан.

Денеска и утре, 14 и 15 февруари, се прогласени за денови на жалост. Шест лица се уште се борат за живот.

Увидот на местото на несреќата треба да продолжи утрово во осум часот.

Премиерот, Зоран Заев најави дека денеска ќе ги посети повредените во болниците, а во наредните денови ќе се донесат и одлуки за поддршка на семејствата на починатите.

Во 12 часот денеска вонредна седница по повод трагичниот настан ќе одржи Општина Гостивар. Се очекува советниците да донесат одлука за прогласување тридневна жалост во знак на почит кон загинатите.

Автобус на „Дурмо турс“ вчера околу 17 часот се преврте на автопатот Скопје – Тетово меѓу Карпалак и Ласкарци. Официјално не е соопштено колку патници биле во автобусот иако се зборува за неофицијална бројка од 51.

Екипи на МВР, итна медицинска помош и ОЈО веднаш пристигнаа на местото на несреќата, а во извлекувањето на повредените и жртвите масовно учествува и локалните жители.

 

 

Поврзани новости