Сведоштво на поранешен бугарски функционер за „Фокус“: И јас сум Македонец, проблемите ги прават политичарите

by fokus

На отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ кратко присуствуваше и 84-годишен жител на Благоевград кој, според неговите зборови, бил поранешен околиски раководител и висок комунистички функционер.

Како што рече тој во разговор за „Фокус“, кога Бугарија била комунистичка држава, а Македонија дел од Сојузна Југославија, се водела политика на игнорирање на македонското прашање.

Се продлабочувала културната соработка, имало контакти на политичко ниво, но никогаш не се отвориле идентитетските прашања.

-Зборувавме сличен јазик, но проблемот е како да се нарекуваат оние што го говорат. И јас сум Македонец, но различно значи од тоа што вие подразбирате Македонец. Треба да се води политика на зближување, треба да имаме предвид дека Македонија била дел од друга држава од Првата светска војна, вели тој за „Фокус“, инсистирајќи да остане анонимен.

Нашиот соговорник вели дека потекнува од областа Разлог и дека добро го познава семејството на Никола Вапцаров, кој, како што вели, за разлика од неговиот татко, бил комунист.

-Сите негови роднини никогаш не кажуваат лош збор за Македонија, но кажуваат дека тој е Бугарин и дека Вапцаров се изјаснил како Бугарин, вели тој.

Според него, народот во Бугарија и во Македонија нема никаков проблем, туку проблемите ги прават политичките елити со политиките на провокации.

В.С.

Поврзани новости