Сведокот во „Сопот“ тврди дека изјавата му била изнудена од инспектори кои му гаселе цигара од чело

by fokus

Сведокот во случајот „Сопот“, Рамадан Бајрами, на денешното судско рочиште рече дека му била изнудена изјавата која помогна да се донесе осудителна пресуда за обвинетите во овој предмет. Бајрами тврдеше дека инспектори го малтретирале и долго го држеле во притвор се додека не ја потпише изјавата која му ја напишале.

Во моментот кога се случила експлозијата во кумановското село Сопот, Бајрами тврди дека не бил во Македонија, туку во Србија. За настанот дознал кога се врати наредниот ден.

Како што рече денеска пред судот, неколку инспектори го малтретирале за да ја изнудат неговата изјава пред кумановскиот суд. Му гаселе цигари на чело и го врзувале за радијатори. Инспектор му се заканил со живот доколку не каже кој ја поставил мината и му ја диктирале изјавата.

-Не бев свесен што пишувам, а потоа ми рекоа да ја научам убаво изјавата за да не се збунам пред суд – рече Бајрами кој беше клучен сведок во обвинението против 11 Албанци.

Според него малтретирањето почнало кога на 23 мај 2003 година отишол во полициска станица за да извади извод за неговиот син. Наводно бил удрен во задниот дел од главата, врзан и однесен со автомобил. Следните денови инспекторите го малтретирале и тепале се додека не ја потпишал изјавата.

Судот прифати дополнително да бидат повикани шестмината инспектори кои работеле на случајот на Бајрами.

Предметот „Сопот“ премина во рацете на Специјалното јавно обвинителство, по објавените прислушувани разговори меѓу поранешните владините функционери, Гордана Јанкуловска и Сашо Мијалков.

За потсетување, на 4 март 2003, на локалниот пат Сопот-Сушево во местото викано „Божја дупка“ од подметната експлозивна направа загинаа двајца НАТО војници од полскиот контигент, како и Крунислав Кипријановски од Куманово. Од страна на Државното обвинителство беа обвинети 11 локални Албанци, а Основниот суд во Куманово истите ги прогласи за виновни и донесе осудителна пресуда.

Поврзани новости