Сведок од УБК: Под псевдонимот „швалер“ беше прислушуван Тачи, а под „деда“ Џафери

by fokus

При своето денешно сведочење за случајот „Таргет и Тврдина“, Маријан Јанкуловски, кој работел и како маркирач во УБК, односно внесувал телефонски броеви во системот за прислушување, посведочи како се вршело нелегалното прислушување.

Тој истакна дека имало четири фолдери во кои се ставале броевите за маркирање, а биле под називите „Важно“, „Јавна безбедност“, „Државна безбедност и „Судски наредби“. Од сведочењето произлезе дека легално, со судска наредба, се прислушувало само во еден фолдер „Судски наредби“.

На прашањето на обвинителката Ленче Ристеска дали некогаш биле бришани телефонски броеви кои претходно биле ставени во системот, сведокот рече:

-По неколку години, баш пред Нова Година добивме наредба од Горан Грујевски да се избришат сите броеви, а по Нова Година, да се стават истите броеви со нови псевдоними, кои ни ги доставуваше Надица Николиќ, рече сведокот, кој појасни дека Николиќ не му била надредена, туку била началник во друго одделение, рече сведокот.

Тој пред судот појани и затоа како дознал дека во УБК нелегално се прислушува.

-Имаше некои псевдоними кои ние ги знаевме оперативно. Се знаеше дека под псевдонимот „швалер“ е Мендух Тачи, а „деда“ беше Арбен Џафери. Чести беа такви броеви на познати лица, за кои немаше никакви наредби за прислушување, а постојано беа вклучени во системот, рече сведокот.

Судењето е во тек.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Биле прислушувани над 20 илјади граѓани.

Меѓу обвинетите за овој случај е екс директорот на УБК Сашо Мијалков, како и неколку вработени во веќе згаснатата УБК.

В.В.

Поврзани новости