Сведочењето на Верушевски адвокатите на Мијалков го искористија за негова одбрана

by fokus

Адвокатите и обвинетите во случајот „Таргет и Тврдина“ се уште во Кривичниот суд ги даваат своите завршни зборови.

Адвокатот Петар Василев, го искористи сведочењето на Зоран Верушевски во полза на обвинетите, односно за да го дескредитира Ѓорѓи Лазаревски, еден од клучните сведоци на обвинителството.

-Лазаревски сведочеше дека прибраните материјали му ги предавал на Зоран Верушевски, но тој пак сведочеше дека тоа не е точно, односно дека Лазаревски не му предал ништо и дека Лазаревски барал средба со него, но тој не се согласил. Ова е уште една причина да не му се поклони верба на сведочењето на Лазаревски, истакна адвокатот Василевски.

Зоран Верушевски, поранешниот разузнавач и актуелен советник за безбедност на премиерот Зоран Заев, пак во постапката беше предложен како сведок од страна на обвинителството.

Тој при своето сведочење се оградуваше од „бомбите“, односно Верушевски не одговори ниту директно дали Ѓорѓи Лазаревски нему му ги предавал бомбите, а потоа тој во партијата.

-Не обезбедив јас било какви разговори на лична основа. Сето тоа што се случуваше во СДСМ беше обврска да го анализирам. Не бил мој интерес, ниту приватен, ниту на памет ми паѓаше такво нешто. Информациите не завршуваа кај името и презимето мое, туку во партијата, рече сведокот.

На прашањето на обвинителот дали преку него бомбите завршувале во партијата, тој рече:

-Најчесто документацијата доаѓала по други структури на партијата СДСМ. Ги управував документите во оделот за безбедносна политика се до моето лишување од слобода, рече Верушевски.

Од неговото сведочење можеше да се заклучи дека Верушевски на еден начин го амнестира обвинетиот Сашо Мијалков, односно според него мозокот на нелегалното прислушување е екс премиерот Никола Груевски, кој го спомена повеќе пати, а Мијалков ниту еднаш.

-СЈО во овој предмет направи курцијално поместување на лицето кое требаше да биде првообвинето, а сега е во бегство во Унгарија. Суштината на оваа документација е дека е креирана од тој што имал најголем бенефит. Клучна е амбицијата на тоа лице кое ја имал таа патолошка желба да ја задржи власта по секоја цена, рече Верушевски.

Тој до Груевски ги построи и двајцата бегалци во Грција, Горан Грујевски и Никола Бошковски.

-Сериозен пропуст на СЈО е што не го обезбеди овој човек во судница, но и во државата. Со нетрпение ја чекам разврската на истрагата за бегството на Груевски. Убеден сум доколку имам моќ да ги повикам двајцата бегалци од Грција, тогаш ќе ја добиеме целината за овој случај, рече Верушевски.

Завршните зборови се во тек.

В.В.

Поврзани новости