Сведочење на советничка за насилството во Центар: „Демонстрантите“ ги спуштаа панталоните и ги покажуваа гениталиите

by Fokus

Телефоните на Рангелова и Лазаров проработуваа секогаш кога Шиповиќ ќе презбореше, сведочеше Цветaнка Симоновска, советничка на СДСМ во Општина Центар за време на мандатот кога се случи насилството во општинската барака.

Според нејзиното сведочење имало координиран напад меѓу толпата организирана под името Веритас и советничката група на ВМРО ДПМНЕ. Агресивните граѓани скандирале погрдни зборови кон советниците кои Симоновска не сакаше да ги изговори во судница. Толпата ги нарекувала комуњари и антофашисти. Вториот збор рече таа укажува дека насобраните воопшто не биле свесни за зборовите кои ги употребувале.

-Слушнавме закана ќе ве запалиме, живи нема да излезете. Ова остава трага на вас. Моравме следните четири години да соработуваме со некој кој ви организирал линч. Навистина е тешко – рече Симоновска по прашање од Фатиме Фетаи да раскаже што се случило помеѓу 7 и 10 јули 2013 година. Утре се заокружуваат, рече, пет години од првиот протест на Веритас. Можеме, рече, да прославиме јубилеј.

Дека советниците на ВМРО ДПМНЕ биле инволвирани, според Симоновска покажува и тоа што телефоните на обвинетата Даниела Рангелова и Томислав Лазаров проработувале секој пат кога претседавачот Мирослав Шиповоќ ќе отворил уста за да ја продолжи седницата.

За време на насилството, додаде таа, советниците од оваа партија биле во пстојана комуникација со насилниците. Било евидентно дека толпата добива поддршка и од полициските службеници кои пристигнале со задоцнување.

-Во еден момент наиде комбе со реквизити како компири и патлиџани, кои завршија на прозорците на бараката. Беа донесени и две рачни сирени, аларми. Полицијата им покажа како функционираат затоа што толпата не знаеше – рече Симоновска.

Таа додаде дека била шокирана од постапувањето на насобраните граѓани и од нивните лица.

-Граѓани си дозволуваа да ги спуштат своите панталони и да ги покажат своите гениталии. Тоа го има само на филм, а ние бевме приморани да го трпиме и гледаме – посочи таа.

На инсистирање на Фетаи што извикувала толптата, Симоновска рече дека овој господин извикал “Да ми го јадете к…”, но не сакаше да продолжи со цитирање на нивните извици за што.ја замоли Фетаи да не инсистира.

Советниците на ВМРО ДПМНЕ се сепнале и ја сфатиле сериозноста на ситуацијата кога една советничка на СДСМ била повредена со стакленце од прозорите во окото. Откако толпата се смирила, седницата продолжила и траела до осум часот утрината следниот ден.

М.В.

Поврзани новости