Свечља: Белград ги поддржува српските криминални групи во Косово

by Fokus

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, по повод денешниот напад со огнено оружје врз припадници на косовската гранична полиција во близина на границата со Србија, обвини „одредени српски структури“ дека поддржуваат српски криминални групи во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на социјалните мрежи по повод денешниот инцидент на езерото Газивода (Ујман), Свечља вели дека ова е втор пат за помалку од една недела да е извршен обид за убиство на косовски полицајци од страна на криминални групи.

Според Свечља, илегалните српски групи во северно Косово, кои се бават со шверц на стоки од Србија, веќе и јавно се штитат и поддржуваат од официјални структури во Белград да ја спречат косовската полиција да ги извршува задачите.

– Околу 10 пати денеска е пукано врз службеници на пограничната полиција додека тие си ја вршеа службената должност, рутинска контрола на езерото Газивода. Српските илегални групи, кои сега веќе и јавно се штитат и поддржуваат од одредени српски структури, прават максимални напори да не спречат да ги вршиме нашите задачи во нашата земја. За помалку од една недела два пати криминалните структури пукаа кон нашите полициски припадници за да ги спречат или да ги убијат, напиша Свечља.

Поврзани новости