Сузан Освалд: Угостителската индустрија во Македонија има голем потенцијал

by fokus

Познато е дека Швајцарија е највисоко рангирана туристичка дестинација која ги поставува стандардите за угостителство, нудејќи квалитетни услуги. Швајцарските образовни институции и програми за угостителство и менаџмент се почитувани поради својата традиција и практично насочено учење, со што на студентите им се обезбедува извонредно практично искуство, како за време на обуките, така и за време на праксата во приватниот сектор.

Какво е швајцарското угостителство? Што ги прави Швајцарците такви експерти за угостителство? За оваа проблематика прочитајте повеќе во интервју со Сузан Освалд од Швајцарската академија за хотелски менаџмент во Луцерн која е дел од швајцарската Прогама за зголемување на пазарната вработливост. Промоцијата на швајцарските обуки за туризам и угостителство ќе се одржат на 12-ти мај во хотелот Мериот во Скопје.

ОСВАЛД: Најпрвин, ви благодарам за комплиментите. Точно е дека за Швајцарија е својствено нејзиното реноме на понуда на квалитетни услуги. Од почетокот на туризмот во Европа, Швајцарија е посакувана дестинација поради своите пејзажи, живописни градови и гостопримливи луѓе. Ова, заедно со швајцарската наклонетост кон прецизност, совршенство и вниманието кое го посветуваат на деталите, на гостите им нуди незаборавно искуство. Не мора да значи дека експертите за угостителство се раѓаат како такви; тие треба да се обучат. Во швајцарскиот двоен систем на образование, поголемиот дел од младите луѓе ја учат својата професија во стручно окружување. Со тоа се поттикнува контактот со клиентите уште од првиот ден. Понатаму, професиите се учат преку обука и се усовршуваат во текот на период од 3 до 4 години, а дополнително се зајакнуваат преку теоретско учење.

Г-ѓа Освалд, доаѓате од швајцарската Академија за хотелски менаџмент во Луцерн (SHL). Можете ли да ни кажете нешто повеќе за SHL и што е она што го направивте за да бидете рангирани меѓу првите 100 образовни институции за угостителство во светот?

ОСВАЛД: SHL е високообразовна институција насочена кон практично учење. Наставната програма на SHL се базира на нашето долгогодишно искуство што укажува на тоа дека идните менаџери треба да имаат широки познавања од сите области поврзани со хотелите. Овој концепт доведува до сеопфатни вештини што се од суштинско значење за водењето бизнис. Петте практично насочени семестри јасно и изразито ја отсликуваат нашата филозофија. Петте семестри се кујна, гастрономија, рецепција, бизнис администрација и корпоративно управување. Секој семестар е проследен со петмесечно стажирање, а пред запишувањето во петтиот дипломски семестар, задолжително е да се заврши практична работа во времетраење од шест месеци. Следствено на тоа, пред почетокот на петтиот семестар за корпоративно управување, неопходно е релевантно работно искуство (вклучувајќи и практична работа) со вкупно времетраење од 24 месеци, како и доказ за способност за управување. Токму оваа комбинација на учење и практично искуство нè издвојува од другите образовни институции. И на крај, нудиме професионален амбиент каде студентите ја играат улогата на вработени и гости, со цел да добијат сеопфатно разбирање на вистинската смисла на швајцарското угостителство.

Во Македонија престојувате од минатата година и спроведувате неколку обуки. Кажете ни нешто за својот ангажман во Македонија?

ОСВАЛД: Имаме среќа што можеме да соработуваме со Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и Министерството за економија. Досега, имаме спроведено три еднонеделни обуки за поддршка на македонските обучувачи за угостителство во процесот на усовршување на нивните постоечки вештини и нивна подготовка за спроведување свои обуки и на крајот, стекнување со сертификат за обучувачи од SHL. Обуките беа од областа на техники за продажба и дистрибуција, управување со приходи и комуникација со клиенти наосчени кон подобрување на квалитетот на услуги.

Пред да започнете, спроведовте анализа на туристичкиот сектор во Македонија. Според вашите ставови, какво е македонското угостителство? Потребни ли се какви било подобрувања?

ОСВАЛД: Утврдивме дека угостителската индустрија во Македонија има голем потенцијал. Во моментов, воспоставена е инфраструктурата што може да одговори на сè поголемите барања на туризмот. Во исто време, сметаме дека постои простор за приспособување на некои од карактеристиките што на швајцарскиот туризам му помогнаа да стане успешен. Разбирањето на индивидуалните потреби на гостите, односите со клиентите и одржувањето на поставените насоки за квалитет на услугите, на пример, би биле корисни за индустријата во целина.

Кои се следните чекори? Како планирате да го донесете швајцарското угостителство во Македонија?

ОСВАЛД: Во моментов, во тесна соработка со ИМЕ Програмата, работиме на финализирање на договорот со Тренинг центарот на Академик како домаќин на овие и идните обуки. На пример, во моментов се разговара за организирање на дополнителна обука за храна и пијалаци. Исто така, постои и можност да се да се воспостави стандард за обезбедување на квалитетот на SHL за македонските хотели.

Поврзани новости