Суспендирани четворица вработени во МНР поради инволвираност во крвавиот четврток

by fokus

Министерството за надворешни работи, на 7 јуни годинава, со допис побара информации од Министерството за внатрешни работи, за можна инволвираност во настанот на 27 април во Собранието на вработени  во МНР.

Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, информираше дека по извршени проверки е утврдено дека за време на настанот во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година е утврдeно присуството на четири лица – вработени во Министерството за надворешни работи.

Воедно МВР информираше дека за истиот настан истовремено е поднесено известување до Основното Јавно Обвинителство – Скопје.

Министерството цени дека со нивните дејствија односно нивното неовластено влегување и присуство во Собранието на Република Македонија за време на настанот, постапувале спротивно на Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за надворешни работи и го нарушиле угледот на професијата дипломат и воедно угледот на Министерството и државата.

Таквото однесување, согласно позитивната регулатива, претставува дисциплински престап согласно член 73 став 1 алинеа 22 од Законот за административни службеници, член 74 став 2 алинеја 3 и 5 од Законот за надворешни работи како и член 21 став 1 и 2 од “Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за надворешни работи и други лица што вршат работи во и за министерството за надворешни работи“.

Врз основа на горе изнесеното, веднаш по добивањето на известувањето од МВР, против наведените е покрената дисциплинска постапка за дисциплински престап и до завршувањето на постапката согласно член 77 од Законот за надворешни работи тие се суспендирани од работа.

Поврзани новости